Ставот на Има таков народ (ИТН) е да не ја спречи Македонија да влезе во ЕУ, но смета дека таа треба да биде доверлив партнер, изјави меѓународен секретар на партијата Димитар Грдев, информира МИА.
Мора да имаме апсолутни гаранции дека ќе се почитува Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, дека ќе престане говорот на омраза, дека ќе се почитуваат правата на Бугарите во Македонија, дека ќе имаме пријателски сосед, изјави Грдев за Бугарското национално радио.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Грдев, во актуелната меѓународна криза однесувањето на земјава мора да биде во согласност со сложениот геополитички миг во кој се наоѓаат светот и регионот.
Тој нагласи дека Бугарија е сериозна земја која ги поддржува напорите на ЕУ и НАТО и фактор за стабилност во балканскиот регион, па е нечесно е да се каже дека „заштитата на бугарските национални интереси е дел од хибридната војна на Кремљ на Балканот“.
Партијата Има таков народ (ИТН), чиј лидер е телевизискиот водител Слави Трифонов, е дел од четирипартитната владејачка коалиција во Бугарија.