Антоан Гризман даде интервју пред средбата во Лигата на шампионите меѓу неговиот тим Барселона и италијански Интер утревечер. Тој сподели дека со големата sвезда на тимот, Лионел Меси сè уште не се блиски пријатели, но нивното пријателство оди во вистинската насока.
– Дуелите во Лигата на шампионите се специјални и овој е уште поспецијален затоа што е мојот прв натпревар со Барселона на домашен терен. Треба да дадеме се од себе како тим за да победиме на најдобар можен начин. Имаме одлична екипа – Ансу, Лео, Луис, Усман, изјави тој.
Тој вели дека му треба адаптација, но сега се чувствува поудобно и посамоуверено.
– Треба да се подобрам. Ми недостасуваат некои работи за да ме одржат во добра форма, смета тој.
Според Французинот, Меси не е од луѓето што многу зборуваат.
– Ниту јас сум, и тешко ни е да комуницираме. Но, постепено нашите односи ќе одат во вистинската насока. Ние сме добри момци и јас сум тука да помогнам, заврши тој.