Денес се поклонуваме на сите оние кои на денешен ден 1941 година го означија почетокот на антифашистичкото и народноослободителното востание на сите оние коишто се бореа за нашата денешна слобода. Општонародната борба не познаваше никакви разлики, ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова основа. Партизаните обединети, рамо до рамо се изборија за остварување на сонот на сите наши предци за слободна независна македонска држава.
Ова го истакна во своето обраќање вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, која ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на споменикот на „Ослободителите на Скопје” на платото кај Владата, во чиј состав беа и замениците-министри за информатичко општество и администрација и за одбрана Александар Бајдевски и Башким Хасани.
–Горда сум што секогаш низ историјата сме биле мудри и сме знаеле да избереме вистинската опција. Така и пред 81 година ја избравме вистинската страна, станавме дел од антифашистичката коалиција и ја споделувавме и ја промовиравме праведната идеологија. Горда сум и денес, на мојата држава и на моите сограѓани кои повторно ја одбраа вистинската страна кога светот се соочува со сериозна закана по мирот, рече Грковска.
Денес, додаде таа, повеќе од кога било гледаме каква е придобивката од тоа што станавме дел од НАТО Алијансата.
-Мудрите одлуки ни овозможија денеска да бидеме дел од светскиот безбедносен систем како посебна значајна гаранција за безбедноста на помалите држави, истакна вицепремиерката Грковска.
На реакции од новинари за несоодветниот третман од страна на владиниот протокол, Грковска во нејзиното име и во име на Владата се извини и изрази уверување дека тоа е само организаторски пропуст.
– Јас во неколку наврати и во интервјуата што ги давам сум кажала дека медиумите ги сметам за едни од главните партнери, особено за улогата што ја имам како вицепремиер за политика за добро владеење и верувајте дека тоа е секогаш така, подвлече Грковска.