Соработка и заеднички проекти во дигитализацијата и борбата против корупцијата, со двонасочна размена на искуства, се можностите кои, според заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, се отвораат меѓу Македонија и Грција.

Вицепремиерката вчера ја заврши тридневната работна посета на Атина, остварувајќи средби со министрите за дигитална политика и правда на Грција, со директорката на Националната Агенција за транспарентност, како и со заменик-претседателот на Националната школа за јавна администрација а во разговор со дописничката на МИА од Атина истакнува дека се отвори вратата и беше означен почетокот на нова соработка со Грција во конкретните области во нејзина надлежност.

Изрази задоволство од разговорите со домаќините во Атина и откри дека министерот за правда на Грција предложил формирање заеднички комисии.

-Одлични средби, одлична размена на искуства и сум презадоволна што има интерес и ми беше понудена соработка буквално од страна на сите. Отворени се и за заеднички проекти и за формирање на заеднички комисии кои што би работеле на одредени прашања како за дигитализација на процесите, така и за антикорупциски политики и соработка на институции кои што се во синџирот институции важни за борбата против корупцијата и организиран криминал, вели Грковска за МИА.

Објасни дека постои отворена покана за изнаоѓање заеднички начин, односно „кој би бил најдобриот начин за соработка“ и истакна дека за нас уште поважно е тоа што Грција, како наш сосед кој многу одамна е дел од Европската Унија веќе ги има поминато сите фази на реформи и „се добро организирани и уиграни за прилагодување на европското законодавство“, со што би ни помогнала „побрзо да ги премостиме и да ги прескокнеме предизвиците кои ги имала Грција и другите земји“.

-На сите средби рековме дека ова во суштина е почеток или отворањето на вратата за поинтензивна соработка, ќе останеме во контакт, кога ќе се вратам ќе имам средба со антикорупциските институции за да може со секоја од нив, со оглед на тоа дека ние сме задолжени за координација, да детектираме можни области за соработка, да ги ставиме на хартија и потоа понатака да продолжиме да бараме кој ќе биде најдобриот модел за остварување на таа соработка, објасни вицепремиерката.

За процесот на дигитализација што Грција го започна за време на пандемијата, Грковска вели дека е за честитки тоа што на најдобар можен начин го искористи ковид периодот за да инвестира и да направи прогрес за забрзано дигитализирање на процесите и за правење прогрес на комплетна дигитална трансформација на општеството.

-Тоа што за нас е интересно и во моментов сме насочени е воведувањето на електронска лична карта и која паралелно ќе оди со софтверско решение, кое ќе функционира како читач и истовремено воведување на т.н. „wallet“, односно паричник, рече вицепремиерката .

Во антикорупциските политики, Грковска вели дека Грција има воведено многу интересни практики, како и интересни механизми предвидени со новата реформа што ќе почне да се имплементира.

-За мене беше интересно се разбира кога станува збор за правосудството и како до вистинско независно правосудство со интегритет, кое е клучно во борбата против корупцијата заради тоа што ако нема ефект и во пресудите со конфискација, тогаш не можеме да кажеме дека може да имаме успех во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа што мене ме воодушеви е дека веќе имаат две пресуди, две обвиненија против министри кои се обиделе да вршат политички влијанија на судството и тоа е прилично интересен механизам за начинот на кој се процесуирале таквите случаи. Има многу работи коишто можеме  да ги научиме, посочи вицепремиерката.

Од друга страна, според Грковска, и Грција може да научи од нас и од нашите практиките што се применуваат, нешто што било констатирано на средбата со директорката на Националната институција за транспарентност, Александра Рогаку.

-Увидовме дека многу активности кои ги има кабинетот се дел од ингеренциите на оваа институција и некои активности и пракси кои ги правиме ние како кабинет беа новина за нив па веќе се договоривме за интензивирање на соработката во таа смисла и многу брзо очекуваме да бидат наши гости. Сакам да кажам дека секогаш овие соработки се двонасочни, истакна заменичката на претседателот на Владата.

Посетата на Атина и средбата со Рогаку беше можност директорката на грчката Национална институција за транспарентност да ја потпише Декларацијата за приклучување на Форумот на Југоисточна Европа на жени лидерки за добро владеење и антикорупција и официјално да стане основач.

Станува збор за иницијативата што вицепремиерката ја покрена минатата година, а на 23 март се случи основањето, меѓутоа Рогаку, не била во можност да присуствува, па затоа потпишувањето беше вчера во Атина.

Грковска потсети дека целта на Форумот е да се спречи дискредитација на жените кои се занимаваат со добро владеење и антикорупциски активности, а професионално и со интегритет си ја вршат работата и најчесто се под голем притисок и се најчести жртви од страна на остатокот од општеството и тоа за работи на начин на кој што немаат никаква врска со нивната професионалност, само затоа што се жени.

Вицепремиерката за МИА објасни дека мрежата има постојана неформална комуникација, а Форумот ќе биде претставен и на маргините на Конференцијата на земјите членки потписнички на конвенцијата на ОН за спречување на корупција, што кон средината на следниот месец ќе се одржи во САД.

Сања Ристовска

ФОТО: МИА, Влада