Прекрасно беше да се вкусат јадењата од богатата трпеза, со песни на Распеани струмичани, објави градоначалникот Костадин Костадинов за денешниот Тримерски ручек со кој заврши карневалот во Струмица.
– Со денешниот Тримерски ручек завршија карневалските свечености во нашиот град. Прекрасно беше чувството да се биде сведок на негувањето на традицијата, да се вкусат посните јадења од богатата трпеза и да се ужива во убавите наменски песни на Распеаните струмичани.
Од денеска и Клучот од градот повторно е во мои раце. Примопредавањето помина во убава атмосфера и со заедничка мисла дека имавме осум прекрасни карневалски денови и извонреден Струмички карневал. Нека ни е за многу години. Да сме здрави и живи и да го дочекаме празнувањето под маски и следната година, објави Костадинов на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Тој со неговата сопруга за карневалот беа маскирани како гроф и грофица.
Народот има една поговорка во која се вели „сит на гладен не верува“. Посебно во време кога народот се секира за цената на лебот, а неговите избрани водачи се восхитуваат на богати карневалски трпези.