Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси (Гроси) ги оцени вчерашните напади врз украинската нуклеарна централа во Запорожје како „апсолутно намерни и насочени“ и додаде дека ситуацијата е „сериозна“.
-Повеќе од десет напади беа насочени директно кон разводната табла, рече Гроси во интервју за француската онлајн телевизија BFMTV.
Гроси не им ја препиша одговорноста на руските или украинските сили, туку додаде дека е неверојатно некој да ја смета нуклеарната централа за легитимна воена цел.
-Кој и да е, ова лудило треба да се престане. Луѓето кои го прават ова знаат каде удираат. Тоа е апсолутно намерно и насочено, рече првиот човек на МААЕ.
Русија и Украина вчера меѓусебно се обвинија за воздушните напади врз централата лоцирана на југот на Украина под контрола на руската армија.
-Централата е на првата линија на фронтот, а постојат воени активности што е многу тешко да се идентификуваат, рече Гроси, додавајќи дека двајца инспектори на МААЕ се на терен и ја проценуваат ситуацијата во централата.
Според него, оштетувања имало на чувствителните области.
-Не беа погодени реакторите, туку зоната каде што има и свежо и употребено гориво, рече Гроси.