Првиот заменик премиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со нивните заменици денеска направиле инспекција на сите активности кои се одвивале на Коридорот 8. Заклучиле дека ваква активност во работа патиштата во државата, немало во последниве 10 години. Пред новинарите беше најавено дека конечно, наредната недела, кај гостиварското село Дебреше ќе почнат и градежните работи за изградбата на овој Коридор.
„Градежните работи на Коридорот 8 треба да започнат на 12 септември над село Дебреше. Досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и сите компании кои се ангажирани. Од „Бехтел и Енка“ имаат закупено огромен дел од механизацијата и таа е веќе на пат кон нашата земја. Градежни работи се вршат насекаде, а ќе продолжат и на Коридорот 8 со минирање на планината над Дебреше и со трансфер на целиот тој материјал на новиот автопат помеѓу Тетово и Гостивар“, изјави првиот заменик премиер Артан Груби.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не можеше со сигурност да потврди дали автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен во 2023 година како што беше неодамна ветено, туку рече дека патот постојано се гради и ќе се пушта во употреба делница по делница.