„Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно, ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинуватр и да им служите“, вели Артан Груби, ексфункционер во Владата од ДУИ по прес конференцијата на Фетаи од Вреди на која го обвини дека имаат фотографии кои докажуваат дека младите кои го запалија знамето во нередите во четвртокот се поврзани со него.

„Го осудувам насилството и палењето знамиња, како што го осудувам и институционалното поттикнување на тензии и селективнатс моноетничка правда и во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември.

Срамот што си го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги кои им се секојдневие“.

Демантираше и ДУИ.

ДУИ нема никаква врска со организацијата на овие инциденти. Секоја изјава или обвинение за спротивното е неоснована, клеветничка и злонамерна. Антиалбанската влада преку овие изјави манипулира со јавното мислење, обидувајќи се да го оттргне вниманието од вистината – фактот дека полицијата апси 17 Албанци за инцидентите со државното знаме, а притоа не уапси ниту едно лице за палење на албанското знаме.

Оваа стратегија на антиалбанската влада е јасен обид да ја избегне својата одговорност и да создаде етнички поделби. Нејзините постапки не само што се опасни, туку и ја поткопуваат хармонијата и стабилноста во земјата, порачаа од партијата на Али Ахмети.

Од ДУИ велат дека нема да дозволат да бидат предмет на политички манипулации и клевети. Најавуваат дека ќе ги преземеме сите правни чекори за да се спротивстават на овие ваквите обвинувања и да побараат одговорност од сите инволвирани во ширењето на овие дезинформации.

Претходно на прес-конфереција, Фетаи објави две фотографии од дел од уапсените млади лица, а на едната се гледа како еден од приведените е сликан заедно со членот на ДУИ, Артан Груби. Фетаи порача дека ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како „топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека. Тој повика на намалување на тензиите и забрана на говорот на омраза, бидејќи тоа се како што рече, пречки за мир и напредок.