Една третина од рамковните административци или вкупно 349 денеска ги потпишаа решенијата и од утре може да почнат со работа, рече вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.
Во гостување на „Топ тема“, Груби напомена дека повеќето од овие лица, 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување,… Согласно етничката структура, се работи, напомена Груби, претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци, додека Власи не.
До крајот на неделата, нагласи Груби, ќе се заврши со решенијата за сите рамковно вработени, а најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа.
-Многу сум задоволен од денешниот апслоутно успешен ден. Една третина за еден ден, истакна Груби.
Тој тврди дека рамковните вработувања не се нови, со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, ниту ќе има какви било финансиски импликации.
-МИОА ги има годишните планови за вработувања, достави допис до Министерството за политички систем со сите празни места согласно систематизацијата, направивме мечирање со нашата листа и согласно тоа совпаѓање, произлезе листата која е усвоена во Владата. Апсолутно тврдам дека не се нови работни места, нема никакви финансиски импликации, рече Груби.
Проблемот со рамковните административци кои речиси една деценија не одеа на работа, првиот вицепремиер го лоцира во честите избори.
-Рамковните вработувања беа успешна приказна, но затаи поради честите избори. Се наталожи огромна бројка и не успеа целосно распределувањето на сите административци. Системот функционираше до 2010 година, а потоа почна да затајува поради политичките проблеми. Секоја година имаше изборни циклуси. По вина на институциите не се вработени овие луѓе. Поради тоа мораше да се донесе лек специјалис во кој се определени роковите за нивна распределба, подвлече Груби.
Во врска со пописот, истакна дека апсоултно не постои никаков политички договор за некакви бројки меѓу СДСМ и ДУИ или меѓу Ахмети и Заев. Врзаниот потпис, потенцира Груби, воопшто не е политизација на пописот.
-Колку проценти се Албанци, ќе покаже пописот кој се надевам ќе тече на најдобар можен начин, а гаранција за тоа се сите политички партии застапени во Собранието, освен една. Убеден сум и дека граѓаните ќе одговорат на овој предизвик зашто резултатите ни требаат за креирање развојни политики, рече Груби.
Тој ги отфрли како неточни констатациите во јавноста дека постојат несогласувања во ДУИ и ја квалификува денешната изјава на Изет Меџити како „внатрепартиската демократија“. Рече и дека нема непријателство меѓу него и Меџити. Секој предлог за функционерските позиции на ДУИ, објасни Груби, доаѓа од претседателот на партијата, Али Ахмети, но ја потврдува партиското претседателство.
-Мал лапсус е „прашајте го Груби, веројатно мислел „прашајте го Ахмети“. Можеби се работи за гаф. Сепак, Меџити е ветеран на политичката сцена, има функции во ДУИ од почетокот до денес, рече Груби во врска со изјавата на Меџити кој на прашањето што ќе се случи со првиот премиер Албанец во последните 100 дена од владата, одговори – „Артан Груби треба да каже дали Насер Зибери ќе биде првиот премиер Албанец во последните 100 дена од оваа Влада“.
Според Груби, Насер Зибери кој вечерва е избран за народен правобранител, никогаш не бил член на ДУИ, напротив, ја критикувал постојано, бил член на цивилното општество, аналитичар, успешен нотар, а и кандидат за прв Албанец премиер бил како надпартиска личност и независен интетелтуалец