Нема да има предвремени парламентарни избори, ќе одиме на редовни парламентарни избори. Ако пропадне гласањето, за жал пропаднала европската иднина на нашата заедничка земја, вели вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во пресрет на дебатата за уставните измени во матичната собраниска комисија.
Во гостување на вестите на Канал 5, Груби изрази уверување дека тоа не би го дозволил кој било, вклучително и опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Убеден е, како што рече, дека таа партија е европски ориентирана.
Тој рече дека сите знаеме оти мора да пристапиме кон техничката измена на Уставот и видовме, подвлече, уставните амандмани се апсолутно технички и никој во општеството, освен опозицијата не реагираше на текстот на уставните амандмани.
-Само таму имаше реакција и тоа политичка, не по однос на содржината на уставните амандмани, туку политичка, за дневна политика, изјави, меѓу другото Груби.
Прашан дали ДУИ се подготвени да излезат од Владата доколку тоа е цената што треба да се плати, Груби потврди дека не само да излезат од Владата, туку и да се откажат првиот Албанец премиер во Владата, да се откажат од Пржинската Влада, затоа што, нагласи, ние ќе бидеме тогаш најголемата опозициска политичка партија во Собранието и би требало да имаме министер за внатрешни работи, за труд и социјала итн…
-Од сето тоа да се откажеме и да одиме или на предвремени избори веднаш по гласањето на уставните измени или да одиме на редовни избори. Ако им се седи во Влада уште една година, пет, шест месеци, 10 месеци колку има, нека си седат во Владата, само нека гласаат за уставните измени. ДУИ во истиот тој момент од изгласувањето на уставните амандмани, излегува од Владата и им овозможува да владеат без ништо од тоа што очекуваме до крајот на мандатот, рече Груби.