Ситуацијата е стабилна, Македонија е безбедна, патот на Македонија во Европската Унија е загарантиран и убеден сум дека пратениците кои увидоа дека беа ставени во заблуда ќе дојдат во парламентарното мнозинство. Владата е стабилна, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби пред отворањето на третото издание на културно-научната манифестација „Денови на азбуката“.
– Ова парламентарно мнозинство, оваа Влада опстои и шансата да се добие датум за отпочнување на преговори на 14 декември веќе е реална. Сметам дека парламентарното мнозинство и пратениците кои поддржуваат евроатлантска Македонија ќе расте и убеден сум дека во деновите пред нас и други пратеници ќе се придружат на ова парламентарно мнозинство кое ќе расте и ќе опстои за да ја спроведе програмата што ја поддржаа граѓаните на парламентарните избори, нагласи Груби.