Никола ГРУЕВСКИ
Македонија живее време на политички мотивирани судења против политички неистомисленици на власта, полошо од периодот на 1949 година. Исто како и тогаш: во име на народот. Една модерна инквизиција во која жртвата пред судењето да почне е веќе осудена и неформално е договорена и висината на казната помеѓу спрегата власт-опозиција-судство. Само политиката има сила да го смени тоа, бидејќи таа го создава. Време во кое судиите за да не си направат личен проблем за себе, во ваквите процеси не судат по закон и со реални докази, туку прифаќаат изјави на уценети сведоци од обвинителството и власта кои се темелат на претпоставки, па така и ги именуваат (самите тие сведоци не кријат дека кажуваат претпоставки) и како тежок преседан се прифаќаат како неспорни докази лажни искази на обвинети на кои во истиот и/или во други предмети кои ги води истиот обвинител им се заканува сериозна казна, па за да се спасат од прогонот подготвени се на се. Тие лица исказите и одбраната ја менуваат од час во час, особено одкако ќе ги стават во притвор кој во Македонија е инструмент за тортура и изнуда на лажни изјави и лажни признанија.
ПРЕТПОСТАВКИТЕ именувани како претпоставки од самите уценети сведоци, судиите подоцна ги именуваат со зборот “ФАКТИ”. ЧУВСТВАТА на некој уценет сведок за една или друга работа, за кој самиот сведок вели дека му биле чувство и ништо повеќе, судиите ги именуваат со зборот “ДОКАЗ”, независно што самиот сведок ги именува како чувства.
Пресудите и висината на казните се одредени уште пред да почне судењето. Се другото е “театар” за јавност, односно време на пропаганда кога и јавноста треба да се убеди, што завршува со долг политички говор и некаква психолошка анализа на судијата, бидејќи за правна нема реални аргументи.
Аудио снимки се прифаќаат како доказ кога им одговара на обвинителството и судот, односно на власта за да осудат некој што им е таргет, но ако истите треба да докажат дека таргетираното лице нема вина, тогаш истите не се дозволува да се изведат како докази.
Обвинителството и судот можно е да те прогласат дека си земал голема количина пари од некаде, без било каков доказ, материјален доказ или изјава на сведок, односно без апсолутно ништо што наведува или уште помалку го докажува тоа, и без никаков срам да ја почнат реченицата со зборовите односно фразата: “се докажа дека…” па се продолжува со куп испревртени тези креирани да си го покријат сопствениот срам пред јавноста.
Ако си политички ставен на острел може да те обвинат и што не си пријавил имот кој не е и никогаш не бил твој и истиот уште и да го запленат заради политичко пропагандни цели, а вистинските негови сопственици да си молчат и уште да се среќни што “извлекле жива глава”, во смисла што незаслужено во една политичка хајка не добиле долгогодишна затворска казна иако често и тие немаат некоја објективна вина за такво нешто да им се случи. Во една таква атмосфера се е можно.
Во Македонија во ова време во политички мотивираните процеси не суди судот, туку политиката. Потоа подготвени чекаат сервилните и контролирани медиуми, т.н. аналитичари и т.н. експерти да ја дораспарчат жртвата која нема никаква реална вина и да одслугуваат на политиката.
Власта преку правосудниот систем прави што сака, кому сака нешто запленува и во колкава сака вредност независно од се, кому сака не запленува, зависно од близината со неа.
Нема критична маса меѓу стручната елита која е спремна да постави логични прашања колку и да гледа беззаконие и апсурдни процеси.
Но, ништо не е вечно…
“IL BUON TEMPO VERRA”:
Percy Bysshe Shelley
(Ќе дојде добро време).