Никола ГРУЕВСКИ
Еден прилично невообичаен и не стандарден потег допринесе денес и изминатите години македонските граѓани да уживаат во новиот објект на македонската филхармонија.
Натписот во хрватскиот медиум “Вечерњи лист” деновиве во кој се вели дека Скопје собра сили (и 37 милиони евра) и на својата филхармонија во 2017 година ѝ изгради зграда која однадвор изгледа прилично импресивно и достоинствено, но и современо, дека има и две сали, од кои онаа поголемата може да прими илјада луѓе и дека Загреб за градењето посебна зграда за својата Загрепска филхармонија може само да сонува и да се буди од соништата во пот, ме наврати на еден интересен детал. “Очигледно, Македонија може, а Хрватска не може“, се вели во текстот кој секако е афирмација на Скопје и Македонија.
Но дали денес само однадвор ќе го гледавме објектот на македонската филхармонија и ќе слушавме разни измислени приказни за криминал, нестручност, несовесност, фушарство и слично ако во последен момент не се направеше еден предизвикувачки чекор.
Кога веќе беше јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што беше победник на изборите нема да состави влада и дека веќе нема да важи принципот за коалицирање “победник со победник” на кој претходно толку многу инсистираше и ДУИ, но и меѓународната заедница во Македонија, а од причини и мотиви кои ни се познати, некаде на почетокот на мај 2017 година побарав од министерката за култура да се направи свечено пуштање на новиот објект на филхармонијата. Таа ме информираше дека неколку пред се занаетчиски работи во помалата сала на објектот не се завршени и дека се ќе биде спремно за околу месец и половина.
Јас сепак ја замолив да ја разгледа можноста со експертите за тоа за големата и воедно централна сала за концерти и настани и се останато кое беше спремно да го пуштиме во употреба со гала концерт бидејќи објектот е толку убав што просто сигурен сум дека СДСМ од фрустрација и бес нема да го пушти со години со разни изговори, а пред се дека сеуште се гради. Од денешен аспект јасно е дека тоа беше добра проценка и потег.
Таа го разбра тој предизвик, ги разгледа законските можности, разговараше со надѕорот и одкако тие и сите стручни лица за внатрешна употреба на објектот дадоа писмено одобрение се согласи, и се одреди датум, 20 Мај, единаесет дена пред потоа да ја превземат власта оваа неспособна и криминална гарнитура која беше инсталирана на власт со претходен договор да го смени името на државата, нацијата, јазикот и да прифати смена на историјата на Македонија.
Малата сала во која требаше да се довршат некои финеси се затвори на денот на отворањето и објектот свечено се пушти со незаборавен настан со еден од најголемите диригенти на денешното време Wladimir Dawidowitsch Aschkenasi и со уште еден светски познат пијанист, македонецот Симон Трпчевски. Тоа беше настан кој ме потсети на гостувањето во Макеодонија на исто така еден од врвните светски диригенти Zubin Mehta во 2007 година заедно со Израелската филхармонија и на гостувањето на Ennio Morricone на охридско лето.
И не само тоа, туку веќе од следниот ден си продолжи редовниот репертоар и со тоа веќе немаше “назад”.
Новата власт кога дојде веднаш објави дека објектот недовршен бил пуштен во употреба и иако немаше практична потреба ја стопира работата на објектот бидејќи имаше работа само во малата сала која можеше непречено да се одвива паралелно со нормална работа на големата сала. Околу еден месец или два подоцна колку да кажат дека нешто прават го затворија целиот објект и потоа не можеа да го издржат притисокот на јавноста па повторно го пуштија.
Сепак пред затворањето многу народ влезе во објектот, ја виде состојбата, виде дека се е перфектно направено и немаше никаков простор за ставање на објектот во заборав и во лавиринт на измислени причини за држење затворен.
Неодржливо беше со години да го држат затворен па прикажувајќи го како свој проект и сметајки дека народот има кратко паметење со пригоден чочек на донесени партиски активисти да го отворат по некоја година, како што направија со патот Демир Капија – Гевгелија , на кој ни беше останало само т.н. сигнален дел, односно фарбање со бела боја на дел од линии на асфалтот, што е работа од недела или две, а тие цела година не дозволуваа на граѓаните да го користат, иако 80% од нивни народни пари од буџетот се финасираше тој пат (20% беше од грант на ЕУ), се со цел да формираат мислење дека голем дел од работите ако не и половина пат го завршиле тие., а активистите на партијата требаше преку играње оро да го прослават големиот успех на новата влада на Заев.
Едно време иако целосно завршена од инает и фрустрација не ја пуштаа во употреба цели три или четири години катната гаража “Смилевски конгрес” во Скопје сместена до музејот на Холокаустот и спроти обновениот објект на МНТ, секој ден губеа приходи од продажба на билетите за паркирање, а народот не можеше да најде паркинг за своите возила.
Веројатно погрешивме што предвремено не го пуштивме го употреба патот Сопиште – Скопје преку Водно, кој не само што беше готов пред смена на власта, туку заедно со тогашниот министер за транспорт имавме и презентација на истиот пред медиумите каде се виде и со камерите снимаа дека само банкините на патот не се целосно до монтирани, работа која бара време од околу еден месец.
Верувале или не, денес речиси шест години подоцна тој пат сеуште не го пуштаат во употреба. Неверојатно! Но и индикација дека истото можеше са се случи со објектот на Македонската филхармонија ако не превземе чекор за негово отворање и пуштање во работа пред трансферот на власта.
Не знам дали сакаат да ги казнат жителите на општина Сопиште што во мнозинство претежно го подржуваат ВМРО-ДПМНЕ, или пак го заборавиле патот како што се одвејани и фокусирани само на лично богатење, дали “им се удира нов чочек” или едноставно не сакаат во нивниот мандат да се пушти во употреба наш проект, но што и да е, тоа е многу неодговорно, не фер кон народот и остава впечаток на длабоко фрустрирана партија во континуитет и нејзина гарнитура функционери, кои бидејќи не се способни сами нешто ново и вредно да создадат, се обидуваат да го засенат и сокријат она што нивните конкуренти го органзирале и реализирале.
Јас не верувам дека во Европа постои сличен пример како овој.
Нема да одам понатаму со патот Кичево-Охрид за кој цела нација ја лажеа дека трасата била промашена, или патот Штип – Кочани кој во тоа време веќе со полна пареа се градеше а едвај еден дел пуштија пред некоја недела. Или патот Градако -Прилеп кој беше повеќе од половина изграден, а сеуште неможат да го завршат, или автопатот Скопје -Штип кој беше 90-95% завршен пред трансферот на власта па тие 5-10 % ги “градеа” околу две години или пак градбата на новиот турски театар кој го оставивме изграден во карабина и кој пет години речиси стоеше во место. Пругата кон Бугарија, регионалниот пат Ранковце Крива Паланка, за кој светската банка веќе беше одобрила кредит, објектите на факултетот за физичка култура и на ФИНКИ спроти Мавровака, новиот театар во Струмица кој стои недограден таму каде што го затекнаа изграден во карабина, исто како и Свети Климентовиот универзитет и другите објекти околу него на Плаошник во Охрид и уште многу други. За универзалната сала во Скопје попусто оставивме два целосно завршени проекти, едниот за целосно нов објект, оној во облик на јајце, и еден поевтин за темелна реконструкција со проширување со неколку помали дополнителни сали и други простории.
Едвај патот Радовиш-Струмица се заврши не толку заради народот колку за да може камионите со марихуната на Заеви непречено и побрзо да се движат, а се заврши и започнатата реконструкција на албанскиот театар во Скопје затоа што други политичари се грижеа за тоа, наместо фрустрираните дембели за кои пишувам. Ги има уште многу но да привршам.
Никој во светот не може да го разбере стопирањето на споменичната композиција со фонтана “Мајка Тереза” на плоштадот Македонија, кој чинеше се заедно четири милиони евра, од кој два милиони се веќе платени уште тогаш пред смена на власта, и над 70% од работите завршени, 15 фигури од мермер направени или во “негатив” или избрусени на “ЦИМ” машина и останува уметникот рачно да ги заврши финесите, а тие се мислеа дали да го рушат или да го замрзнат.
Ако не беше интервенцијата на папата Франциско кој упати писмо до претседателот Пендаровски со молба да не се руши овој објект кој еден ден ќе биде еден од симболите на Скопје и Македонија, и кој истото го проследил до владата, по умот на партискиот архитект Мирослав Грчев кого пред се го води омразата, и тоа ќе го срушеа.
Кога дојдовме ние на власт во 2006 година, ние не постапувавме така. Тие имаа само 2-3 проекти недовршени кои со години ги правеа, но ги довршивме без воопшто да имаме дилема за тоа. Памтам дека ХЦ Матка која веќе околу една деценија се градеше претходно, ја наследивме ни до пола завршена со крупни проблеми и како заглавен и замрзнат проект, но наместо да правиме драма од тоа ја завршивме Се сеќавам на обиколницата “Мајка Тереза” околу Скопје која беше започната и само 20% беа завршена. Што требаше ние да правиме? Да викаме дека промашена трасата или дека обиколницата не е обиколница туку всушност е полуобиколница и да не го завршувале патот уште 10 години?
Има разлика!