Никола ГРУЕВСКИ

Борис Сарафов (12 јули 1872 – 28 ноември 1907) и Павел Шатев (15 јуни 1882 – 30 јануари 1951) се револуционери кои уште додека биле живи, биле толку славни што биле еден вид живи легенди меѓу народот. Но ретки се ситуациите кога едната жива легенда ќе напише биографска книга за другата легенда по нејзината смрт. Тие меѓусебно добро се познавале уште од времето кога Борис Сарафов ги снабдувал гемиџиите со пари и динамит за да ги извршат солунските атентатори, а токму Павел Шатев е еден од преживеаните гемиџии со бурна историја и висока наобразба во Франција и Белгија.

Денес на денот на убиството на Борис Сарафов во 1907 година го пренесувам завршното поглавје во биографската книга за Борис Сарафов напишана лично од од Павел Шатев, легендарниот гемиџија, учесник во солунските атентати како личност кој го крева во воздух бродот Гвадалкивир во Солун, осуден на смрт па чекајќи на извршување преименувана казната во доживотен затвор по што бил затворен во затвор во пустината Сахара, анархист, револуционер, еден од основачите на ВМРО-Обединета, пријател со Тодор Александров и покрај идеолошките разлики, апсен од бугарската полиција (1941) и осуден на смрт како комунист (1942), член на президиумот на АСНОМ (1944), советски разузнувач, масон, прв министер за правда во повоена Македонија, а подоцна со одземање на пратеничкиот имунитет прогласен за народен непријател и како жртва на комунистичкиот режим повторно се наоѓа во истражен затвор цели 11 месеци и потоа во куќен притвор и интерниран, без можност да комуницира со надворешноста, каде дури не му дозволуваат да се лечи и каде во лоши услови умира. Овој и уште осум други ракописи од Павел Шатев беа пронајдени кај одредени наследници на Павел Шатев кои живеат во Загреб и кои во посредство со Државниот Архив на Македонија тогаш предводен од д-р Зоран Тодоровски, беа превземени, испечатени и за прв пат објавени како книги во 2013 година.

Еве што токму Павел Шатев во неговата книга посветена на Борис Сарафов пишува во последното поглавје каде прави резиме на целата биографија на Борис Сарафов.

“Од сето гореизложено, кажано искрено и чистосрдечно, како што тврдат проф. Љ. Милетич и други тогашни македонски дејци- револуционери, се гледа каква разновидна легална и револуционерна дејност непрекинато пројавувал Борис Сарафов во растојание не повеќе од едно десетлетие и како таков, каква голема улога тој има во развојот на македонското ослободително движење.

Ние видовме како Борис Сарафов уште како ученик и јункер се пројавува со своите одлучни квалитети, како
последователно тие се развиваат и тој сè повеќе и повеќе расте и се оформува како една одлучна, силна боречка личност, полна со енеpгиja и постоjaнo напоена, пламтечка од еден ентузијазам стигнат до краен фанатизам, но постојано со сознанието дека тоа што се презема, се исполнува, е во интерес, пред сè, на онеправданиот, угнетен, сиромашен и понижен, поробен македонски народ.

Агитатор и пропагатор, војвода и предводник на чети, политичар кој организира среби со видни општественици, публицисти, журналисти, политички лица, дипломати и државници, води деликатни разговори, си создава едно име и голем авторитет како во Бугарија и во Македонија, така и во странство, каде неколку пати заминува и подолго време престојува на своја сметка и секако наоѓа големи суми пари, оружје, динамит за потребите на револуционерното дело во Македонија и Одринско. Гледаме како во секој даден конкретен случај тој знае да го разбере, да го разграничи најсуштественото, неопходното од второстепеното, несуштественото. И во најсудбоносниот момент, пред и за време на Илинденското востание, тој е првиот меѓу првите рево- луционерни дејци и во самото предвечерие на востанието застанува како водач на самото востание, со функција на главно лице во Штабот на востаничките одреди, чети.

Наспроти недовербата со која некои лица и средини се однесувале кон Борис Сарафов, наспроти претпазливоста, што ја манифестирале Ѓорче Петров и Гоце Делчев со нивните истомисленици, наспроти борбата и спротивставувањето од страна на врховистите на чело со Иван Цончев, наспроти сите останати проблеми и пречки со кои Борис Сарафов се среќавал и не можел да не среќава навреди и во Бугарија и во странство, како и во Македонија, тој уште со влегувањето застанува, го зазема првото место и е на чело на движењето. “Водачот, вождот не се избира, тој се налага”. Така беше и со Борис Сарафов Тој со своите речни квалитети може да ги сфати, разбере и разреши наложените револуционерни задачи на моментот, а со тоа стана израз на желбите и волјата на своите сонародници и како предводник на чети, како вожд на самото востание, се истакна, блесна како најсјајна ѕвезда.

Борис Сарафов со сите негови прикажани и категорични квалитети, манифестираше и дарби, што ги бараше тогашниот историски момент. Кои и какви му беа покажаните квалитети? Тоа се: претставителност, прекрасна надворешност, убав, строен и конечно маж, искуство и умешност да се претставува пред луѓето, подеднакво голем и човечки ум, голема неисцрпна енергија и издржливост, смелост што стигнува до дрскост, безгранична преданост кон националноослободителната кауза, подготвен секогаш и секаде да се саможртвува во името на таа кауза, одличен познавач на луѓето уште при првата средба, со доволно развиено искуство во животот, љубезен и исполнителен кон секого – ете ги квалитетите, што му обезбедија такво паметење, слава и чест кои од поколение на поколение се пренесуваат и ќе се пренесуваат за поука, подигање и насочување на идните нови поколенија.

Но, како и секој медал, што има и својата обратна страна, како и секое огледало своја задна страна, така и Борис Сарафов, паралелно со неговите прикажани квалитети како човек и македонски револуционер од тој херојски, романтичен период на македонското националноослободително движење, има и свои негативни страни, кои, за да бидеме објективни, не можеме, а да не ги забележиме во оваа оценка.

А кои беа тие?

1.Тоа беше неговата будност, избрзаност, која се должеше на неговиот буен темперамент, што беше не само во неговата природа туку и во неговите сетила. Тој квалитет можеби е наследен, предаден од неговите прародители или од самата природа.
2. Неговото големо самољубие. Тој како млад, ученик и јункер и како момче, па и потоа, насекаде сакал и настојувал во сè да се пројави, да се истакне, да биде посочуван со прст, да се воздигне, да се прослави, да блесне со сè и секаде. Навистина, тој имаше категорични квалитети, што точно го разликуваа од сите други негови современици и соперници, но желбата да биде прв меѓу првите му беше над сè, поради што тој често ја губеше можната мерка и одеше до крајности, толку опасни, особено за силните и одлучни личности, а сето тоа го поттикнуваше кон опортунизам, а тоа кон компромиси, најопасниот непријател на Секој револуционер.
3. Отсуство на револуционерна подготовка и обука. Недоволното познавање на револуционерните движења во Европа и нивната организација, а исто така и нивните методи во минатото какви што суштествувале во Европа, иако како ученик и подоцна како слободен граѓанин ја изучувал историјата на Големата француска револуција од 1789-1794 година и таа во 1848 година, како и историјата на некои буржоаско-демократски револуционерни движења настанати во некои западноевропски држави во XIX век. Ако тој млад кадет, кој бегал од военото училиште и одел од страна да слуша како неговите пријатели, врсници ученици од VII клас читаат сомнителни руски писатели“, ако имал можност поподробно не само да ги прочита, туку и да ги изучи учењата на некои руски општественици, публицисти, ако подобро ја беше изучил социјал-политичката идеологија на А. И. Херцен, Н. Г. Чернишевски, Н. А. Доброљубов и други руски општественици, публицисти, писатели, револуциоери социјалисти, ако беше се запознал поблиску со основните идеи и принципи на социјал-револуционерното учење на К. Маркс и Фр. Енгелс и нивните следбеници, тој подобро ќе можеше да ги сфати и теориите, што се развиваа и во македонското револуционерно движење во национална, Федералистичка и соција- листичка смисла и дух, тој ќе изградеше првенствено за себеси и еден поправилен револуционерен светоглед и ќе беше доследен во својата разновидна општествена и револуционерна дејност. Но, тој не можеше да се приопшти кон тие теории, учења, зашто самата средина во која беше израснал, условите во кои се развиваа неговите способности и дарби не му дозволуваа да отиде понапред, зашто како личност со буен темперамент, ентузијаст, воспитан во идеалистички дух и светоглед, тој поскоро се подготви за практична, конкретна работа, а со теоретските познавања беше останал назад. Средината што го опкружуваше, традициите во бугарското национал-револуционерно движење и брзиот развој на настаните не му дозволуваа да се развие и оформи како вистински национал-револуционер, туку се даде на опортунизам и компромиси толку гибелни за секој идеен револуционер. Тој, како што реков, беше прагматичар, а не теоретичар. Како деловен човек, тој на теоретските, идеолошките работи гледаше со друго око, а сето внимание и целиот стремеж му беа како побргу, посмело, самоодважно да изврши некоја практична акција, некој подвиг какви што изврши во време на народното вооружено Илинденско востание, чиј прв херој беше тој. Името на Борис Сарафов уште додека беше жив, стана легендарно. Тој беше познат, популарен не само во Македонија, туку и во сите бугарски земји, во цела Европа и секако Америка како херојско олицетворение на македонската револуција. Б. Сарафов навистина ги имаше сите квалитети за да го изрази блескаво народното движење.

Тој беше човек со еден многу жив темперамент, човек надарен да ги води одделните лица и масите, во исто време тој ја поседуваше дарбата да ги стекнува симпатиите на сите пред неговиот настап, чуден начин да се приспособува е подготвеноста на неговиот ум и со онаа чудна храброст, смелост што му беше својствена и со која фактички влијаеше врз сите. За него во Македонија се велеше: Еден човек со силна Ѕвезда, т.е. предодреден да биде вожд, шеф. Со тоа се објаснува големата популарност на Б. Сарафов, една ретка популарност која уште во моментот на неговата смрт се изрази во еден голем национален траур толку блескаво изразен при самото погребување со присуството на голем дел од населението на Софија, провинцијата и делегации од странство итн.”

А, како што се знае, ретко има случаи кога може да се измени еден активно бележит човек. Б. Сарафов, по својот темперамент, по својот карактер, во македонското ослободително движење се јавува како значајна фигура. Во тоа му помогнаа не само неговите брзи успеси врзани со неговото посакувано име, туку и личните квалитети: будноста, која постојано подготвуваше примамливи планови, отвореноста, чувствителноста, а најмногу неговата љубезност, доверливоста и слабоста кон надворешни ефекти.,,

Кон тоа треба да ги додадеме и парите, што дарежливо ги трошеше, дури до расипништво, не само за реалните потреби на делото, туку и за сестраните лични потреби на луѓето, ставени на разни начини на услуга на каузата”.

Тој не беше вооружен со здрава и стројна теорија и една јасно определена политичка програма. Б.Сарафов, без една строго определена револуционерна теорија, често запаѓаше во политиканство“, поскоро клонеше кон гол, изолиран практицизам, понекогаш беше поскоро подготвен да се соочи со кого и да е, само и само да се постигне макар и најмал резултат.

Тој беше комуникативен и дарежлив и благодарение на тие квалитети лесно ги препознаваше луѓето со кои се среќаваше, независно од нивната положба, возраст и националност. Тој имаше способност да ги обединува во едно луѓето со различни погледи, теории и со лични интереси во една насока, во една активност полезна за општото дело.

Во друго време, при други услови, при друга конкретна активност, можеби една соодветна теоретска, идеолошка подготовка, школувана, би била излишна, но при такви околности, при тогашната општоевропска, општобалканска положба, при постојните надворешни и внатрешни противречности, една подобна подготовка, школувана беше неопходна.

Тоа што комунистичката историографија негативно го портретирала Борис Сарафов преставувајки го како врховист без да објасни дека во времето кога тој е водач на врховниот македонски комитет односот кон ВМРО е најпријателски и најподржувачки во секоја смисла и заеднички работат за иста цел и кауза, и дека токму затоа бугарската власт работи на негова смена о замена со ним лојално водство на чело на ВМК, во што и успева, на Павел Шатев кого одлично го познавал Б.Сарафов, не му пречи да го портретира таков каков што бил и како што околината го доживувала. За жал на активностите за соборување на Сарафов од претседател на ВМК и носење на Михајловски и Цончев како продолжена рака на бугарската власт подршка на конгресот дал и Годе Делчев и Ѓорче Петров.

Еве што запишал самиот Сарафов за тоа, а пак Шатев го цитира во неговата книга со мали коментари ставени во заграда:
,,По конгресот се собравме јас, Ѓорче и Г. Делчев. Им реков дека Цончевиот комитет ќе го прави тоа што ќе го посака, зашто тој го приграби нашиот систем – теророт, додека ние се откажавме од него. Делчев беше разочаран дека го избраа Цончева. Им кажав в лице дека тие, Г. Делчев и Ѓорче, се виновни, зашто со истиот ги обединија листите против мене, иако сепак бев поприврзан на Г. Делчев. Последниот си ја призна грешката. Ѓорче се извинуваше дека не учествувал во таа работа”.

„Гоце Делчев беше на мислење дека треба да се почне легална борба против Цончев, со весници да се бориме, а пак средства нема. Јас им реков дека не можам да стојам тука и да гледам како луѓето на Цончев ќе се трват со нас (каква гордост – б.н.) и ќе нè тероризираат, а јас пак како баба да се борам само со весници (каков индивидуалист – б.н.). Г. Делчев и Ѓорче изразија согласност, јас да отидам во странство и да се погрижам, ако може, да се пронајдат средства. Тоа беше кон крајот на септември 1901 година.” (Стр 64-66).

Значи, и тогаш меѓу Г. Делчев, Ѓорче Петров и Борис Сарафов имало солидарност. Симпатиите на Г. Делчев и Г. Петров биле спрема Борис Сарафов, а исто така тие, иако со извесно заладување, сè уште имале доверба во Борис Сарафов, додека последниот веќе бил во отворена борба со Иван Цончев и неговите луѓе, отворени врховисти. Така што, ако сакаме да бидеме објективни во проценките, ќе треба да правиме разлика меѓу врховизмот на Борис Сарафов и неговите другари и ..врховизмот” на Иван Цончев, Ан. Јанков, Николов и др. Без една таква мала анализа при проценките, сите расудувања ќе нè доведат до неправилни, погрешни заклучоци.

Анализирајќи ги споровите и недоразбирањата во Организацијата меѓу највидните македонски дејци Ѓорче Петров, Гоце Делчев и Борис Сарафов, кај кои, според Шатев, се собрани „духот, умот и мислата на Македонија“, нарекувајќи ги притоа, македонските Св. Тројца“, Шатев во ракописот пишува дека “иако меѓу нив, во некои моменти имало препирки, спорови, недоразбирања и несогласувања, тие не се должеле на некакви идејни разлики, туку на чисто мали тактички сфаќања и разлики, што се должеле на разликите во карактерите или темпераментите на тие тројца великани во македонското ослободително движење”. А тие најмногу произлегувале од нивните принципиелни и цврсто изградени ставови во однос на целта и тактиката на идната македонска борба за слобода и независност“ и за прашањето за идната револуционерна активност во Македонија”. И покрај тоа, меѓу нив имало солидарност, симпатии и доверба, бидејќи Сарафов, како што пишува Шатев, “според целите, методите на борбата и тактиката на Внатрешната организација, во ништо не се разликува од становиштето на Ѓорче Петров и Гоце Делчев”.

Разногласијата меѓу Ѓорче Петров и Борис Сарафов, главно, се однесувала на нивните револуционерни погледи и човечки својства и карактери. Додека Сарафов, како што пишува Шатев, бил со „буен темперамент, силна волја, брз во сè, со богата фантазија, славољубив и горд, се пројавува како опуртунист и се зафаќа за реализација на тоа што, според неговите сфаќања, било најсуштествено, неопходно во дадениот момент обезбедување средства или оружје, подигање на духот и отстранување на општата апатија“, Ѓорче Петров бил “поспокоен, со поголем ум, пореален, со голема амбиција, кој при наложување на своите сфаќања за целите и задачите на ВМРО стигнал до фанатизам, со силата само на својот ум ревносно ги заштитува принципите и начелата на ВМРО како некоја свечена догма, борејќи се со голема настојчивост Организацијата внатре да остане совршено независна и самостојна од надворешно влијание”. Овие особености „меѓу двајцата корифеи во македонското ослободително движење”, како што ги нарекува Шатев, биле објективните причини на нивните “спорови, недоразбирања, раз- ногласија или разлики“, во кои имало и “голема доза од личен елемент, амбиција кај едниот, славољубие и гордост кај другиот, едниот догматичар и дијалектичар, а другиот опуртунист и деловен човек, кој воден повеќе од својот инстикт или длабоко национално чувство сака да се пројави, да се истакне, да се прослави – човечки слабости кои понекогаш ги заразуваат и најголемите луѓе. Но, кое од тие две становишта било за времето поправилно, посоодветно, покорисно за делото, најобјективно и непристрасно ќе каже иднината!” Ваквите разидувања меѓу овие дејци во Македонската револуционерна организација Шатев ги објаснува на следниот начин:,,Просечноста не трпи гениј. Рутината не запира, туку следува новото, прогресивното, исклучителното. А, Борис Сарафов беше една исклучителна, бележита, силна по дух, волја и енергија личност. Храброста не се состои само во тоа да стоиш спроти куршуми, туку суштинската храброст во животот е да прифаќаш и да носиш одговорност!“

“Огромната популарност”, вели Шатев за Сарафов, “се должеше на неговите лични успеси и одлики, необичната искреност, срдечната топлина со која возвраќаше на чувствата на сонародниците, без разлика на нивните убедувања и социјална положба. Безгранично верен на македонската кауза, смел, родољубив и способен маж, тој беше неуморен деец, општественик, и во животот и во практиката деловен човек, а со соодветната на неговиот карактер мобилност, ги имаме сите неопходни квалитети на еден навистина надарен политичар, агитатор, организатор и револуционер”.

П.С. Во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година се постави споменик на Борис Сарафов на коњ помеѓу зградата на МНР и зградата на Народната банка, која тогаш се планираше а од 2015 година и сеуште денес се гради.
Секако во тоа има симболика имајќи во обзир дека Борис Сарафов (чие име е и име на објектот на Министерството за надворешен и работи од неговата изградба до денес), имал најмногу меѓународни активности од сите водачи во Органзиацијата, и најмногу бил одговорен и посветен на прибирање финасиски средства од секаде за потребите на Органзиацијата.

Две години подоцна кога започна градбата на Народната банка, со договор меѓу градот Скопје и градежната фирма “Бетон” Скопје се изврши привремена дислокација на споменикот во магацинита на градежната фирма со цел да се обезбеди непречен приод на камиони и друга градежна механизација потребна за градба на објектот.

Согласно договорот по завршувањето на објектот изведувачот треба да го врати споменикот во првобитна положба, а сопстевноста на споменикот е на градот Скопје.

За жал градбата на Народната банка еве веќе седма година не е завршена и е сеуште далеку од завршување.
Во овој дел очигледно неефикасноста на актуелната власт демонстрирана секаде низ Македонија во делот на градбата и капиталните инвестиции се пренесе и на народната банка.