Никола ГРУЕВСКИ
1.Денеска е 27 април.
Ден кога секоја година на ист ден се активира потсетникот во телефонот на асистентите на политичарите од власта по што подготвуваат и објавуваат фб статуси или соопштение за јавноста во име на партијата, владата или поедини партиски и владини функционери, потсетувајќи само на еден дел од настаните од 27 април 2017 година и тоа само со цел истото да го стават во дневно политички контекст со надеж дека ќе добијат некој поен повеќе или дека ќе му намалат на противникот некој поен.
За нив ова е потсетник за соопштение и фб статус за едно дневен политчки конфликт со опонентот, но за лицата кои се под политички прогон, кои се со лажна кавалификација осудени на долги затворски казни, чии првични пресуди за насилство за еден дел од нив кои главно беа со условни казни, по политичка директива ги поништија и ги преиначија во тероризам, за нив ова е неправедно уништување на нивните животни судбини, брутален политички прогон, изживување и огромна неправда. Дел од нив немаат никаква вина, а дел имаат лажна квалификација и ако немаше политички прогон ниту еден од нив денес немаше неправедно да е во затвор.
Се додека траат политичките прогони во Македонија, за овој и за сите други случаи, Македонија нема да оди напред и ќе тапка во место во секој поглед, што и се случува речиси пет години. Народот добро знае дека тоа е така.
2.Денес нов циркус во случајот ТНТ. До денес Обвинителството тврдеше дека јас сум го поттикнал Миле Јанакиески, тој го поттикнал поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, а пак тој потикнал еден службеник, а тој службеник друг службеник и така со ред до бескрај, а незаконските манипулирани аудио снимки за наводни разговори меѓу мене и Јанкиески им беа единствено нешто за што го држеа целиот предмет, иако и во нив нема елемент на потикнување за нешто незаконски да се направи.
Од денеска промена. Јанакиески веќе не е поттикнувач. Иако и тој нема вина, се испазарил, како и во Титаник на моја и на штета на другите обвинети, по оној нивни принцип – помогни ни и ние ќе ти помогнеме тебе, што беше и причина зошто е ставен во обвинението.
Јас останувам поттикнувач иако премиер нема никаква ингеренција во општина и најважно- меѓу мене и било кој друг од горе споменатите немаат апсолутно никаков контакт, ни разговор, ни писмено нешто, ни ништо, од причина што такви и немало односно не се случиле. Ниту сведочење, ниту нешто од мене потпишано, барем лажен сведок да најдеа, оти ги бива за тоа.
Крив си! Докази нема, ама ние си претпоставуваме! Какво своеволие! Покрај ова нема никакво кривично дело и за другите, бидејќи сопственикот на објектот кој градел дивоградба, самиот признал дека е дивоградба со тоа што поднел барање за смена на урбанистичкиот план, за да тој план се прилагоди на веќе диво изграденото на теренот, па отишол на сите можни судови кои донеле дури 36 пресуди и во сите до една загубил.
Обвинителот денес рекол дека тој верувал дека градоначалникот тоа го средил со судовите. Во ред, а доказ за тоа?
Нема! Тоа е негова претпоставка на која треба сите да не осудат за кај Фијат Цановски да легнат 10 милиони евра како оштета, наместо човекот кривично да одговара за незаконско градење и да плати штета на општината. Доказот сеуште стои и е во гаражниот дел на објектот кој тој не го сруши, и ја обнови дивоградбата со помош на власта. Како и со кого ќе ги дели 10 те милиони евра, тој си знае. Што сакаат, тоа прават во судството. Незнам од каде и оние 8% доверба. Во некои предмети се трудат да уценат лажни сведоци, во некои како овој ги мрзи и тоа да го направат.