Никола ГРУЕВСКИ
Македонија мора да се придвижи напред. Повторно да стане силна и гордост на нејзините граѓани. Да стане достоинствено место за живеење, побогата и поправедна земја со посплотен народ во неа. Посакувана за живот а не за заминување.
Позитивната да ја надвладее негативната енергија. Оптимизмот да го победи песимизмот. Меѓусебните помагања, разбирање, толеранција, охрабрувања и позитивни поттикнувања да се повеќе од меѓусебните расправии, нетрпеливост, бесконечни меѓусебни критики и омаловажувања.
Љубовта да ја надвладее омразата.
Успесите да се далеку побројни од поразите.
Како кај секој поединец, така и кај народот во целина и самата држава.
Загубеното да се поврати, добиеното да се зачува и зголеми или зајакне.
Да биде подобро место за живеење на Македонците и сите други нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и останати. Христијани, муслимани, евреи, атеисти, сите сакаат посреќен и побогат живот и посилна држава.
Нека овој Божиќ донесе повеќе сила и пред се мудрост на сите за да се дојде до највозвишените цели.
Христовото раѓање е посебен ден. Ден кој не зближува, не замислува, ден на преиспитување, промислување, ден кога се потсетуваме на вистинските вредности и на Бога. Да пробаме секој ден да размислуваме и делуваме како кога е Божиќ. Колку повеќе успееме, толку животот ќе ни е поубав. Од нас зависи!
Христос се роди! Честит Божиќ!
За многу години здравје и спокојство. Успех и чувство на среќа и задоволство.