Никола ГРУЕВСКИ
Пандемијата неповратно однесе уште еден мој голем пријател и драга личност но и човек кој беше во срцата на многу луѓе во Македонија и дијаспората.
Зоран Џорлев беше една ретко толку многу позитивна личност, добар човек, многу чесен, хуман, успешен и супериорно талентиран во својата професија, кој талент го беше надоградил со многу работа, труд, одговорност, посветеност и силна верба.
Познат музичар и композитор, одличен изведувач на неколку музички инструменти (гитара, труба, пијано, хармоника…), но најпознат како Маестро на виолина, естрадна личност на телевисизките екрани, водител на музичка емисија која ја афирмираше македонската народна песна и традиција, педагог и професор, голем патриот и горд Македонец.
Со музиката секогаш и секаде го креваше расположението а со говорењето и присуството вбризгуваше позитивна енергија кај луѓето. Беше одличен и посветен директор на средното музичко училиште “Илија Николовски Луј” а подоцна и со огромен ентузијазам и креативност со голем успех беше на чело на легендарниот ансамбл на народни игри и песни на Македонија “Танец”.
Немав дилеми кога требаше да одберам кого да поканам како музичка група на мојата свадба ниту кога мојата ќерка Софија посака некој да ја подучува да свири виолина.
Немаше дилеми ни кога требаше да се побара од некое компетентно лице да ја направи најдобрата селекција на музички композиции кои требаше да излегуваат од тогаш новата фонтана на која се наоѓа споменикот на Александар Македонски на плоштадот Македонија во Скопје каде движењата на водата од фонтаната и светлосни ефекти беа во ритмот на избраните композиции од Маестро Зоран Џорлев.
Ја продолживме комуникацијата и по моето принудно доаѓање во Будимпешта. Последно, неодамна срдечно ми го честиташе именденот и по ништо неможев да почуствувам дека за само толку кратко време ќе не напушти.
Тој остави голем траг во себе со кој си обезбеди вечна присутност и по смртта.
Генерации и генерации ќе го слушаат и ќе уживаат во неговото музичко дело кое останува дел од богатството на македонската музичка изведба и композиторство. Таквите луѓе засекогаш живеат со нивното творештво и дух.
Сочувство до семејството кои што имаат причина освен тажни за неговото прерано заминување, да бидат и горди на нивниот близок.
Почивај во мир пријателе!
(со Зоран Џорлев имам многу приватни, семејни и фотографии од службени настани, кои за жал не се со мене тука во Унгарија, па одбрав фотографија која самиот тој ми ја прати на 4.јули годинава при што напишал: “ја средувам по дома архивата и сакав да споделам:) Поздрав”. Во тој момент нити тој ниту јас не ни помисливме дека токму таа фотографија шест месеци подоцна ќе ја објавам во ваков тажен момент заради неговата прерана смрт)