Повеќе лекари, како и професори по медицина, меѓу кои и генетичарот Аксел Кан, во колумна објавена во „Журнал ди Диманш“ бараат да и се стави крај на „паузата“ пред влошувањето на епидемијата со Ковид-19, јави дописникот на МИА.
Тие меѓу другото бараатод Французите „да избегнуваат приватни собири“.
-Ние сме во нова фаза на епидемијата: онаа на нејзиното ширење (…). Веројатно останува малку време за да се делува колективно, предупредуваат шесте лекари и професори во колумната во „Журнал ди Диманш “.
-По радоста на летните средби, време е да се биде претпазлив во приватноста. Како што напредува епидемијата, веројатноста да се заразиме во овие затворени места се зголемува. Во петокот, во Велика Британија, градот Бирмингем забрани состаноци меѓу пријатели и семејствата, потсетуваат потписниците.
Одбивајќи да признаат дека „наредуваат“, тие веруваат дека е потребно „можеби да се стави крај на паузата“ во Франција: „Избегнувајте, колку што е можно, приватни собири. Колку е помала просторијата, толку повеќе луѓе содржи, толку е помалку проветрена и толку повеќе ги зголемувате ризиците. Намалете го бројот на луѓе присутни во приватниот амбиент. Ако е можно, одложете го секој состанок“, советуваат тие.
Меѓу потписниците се и Филип Амујел, професор по јавно здравје на Универзитетската болница во Лил и директор на Фондацијата Алцхајмер, Ан-Клод Кремио, специјалист за инфективни болести во болницата „Рејмонд Поанкаре“, Жилберт Дерај, шеф на нефролошката служба во болницата Ла Питие -Салпетриер и генетичарот Аксел Кан, претседател на Лигата против рак.