Поранешната грузиска министерка за надворешни работи Саломе Зурабишвили победи на претседателските избори, со што стана прва жена која презема претседателска функција во Грузија
Зурабишвили, поддржана од владејачката партија „Грузиски сон”, победи на вчерашните претседателски избори во Грузија, освојувајќи речиси 60 проценти од гласовите.
По преброени над 98 проценти од гласачките ливчиња, Зурабишвили го освои мнозинството од гласовите, соопшти Централната изборна комисија.
Сепак, опозицијата и ја оспорува победата.
За ривалот на Зурабишвили, Григол Вашадзе, кандидиран од главната опозициска сила – „Единствено национално движење” на поранешниот претседател Михаил Саакашвили – гласале над 40 проценти од гласачите, при одзив од над 56 проценти.
Синоќа Саакашвили, кој живее во Холандија, ги повика Грузијците да не признаваат резултатите од претседателските избори и од денеска да почнат со „масовна граѓанска непослушност“.
Во видео-порака од Холандија Саакашвили рече: Никогаш нема да ги признаам резултатите од овие избори. Ова денеска не беа избори. Тоа не беше демократски процес”.