Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо разгледува странска воена интервенција како крајна мерка за соборување на Владата на претседателот Николас Мадуро.

– Не отфрлувам воена интервенција, затоа што сосема е јасно за што се работи во режимот на Мадуро, изјави Гуаидо за бразилскиот весник „Фола де Сао Пауло“.

– Но тоа е крајна мерка. Важно е прво да се обидеме да олесниме мирна транзиција, додаде тој.

Во судирите меѓу опозицијата и полицијата кои траат од вторникот, според податоци на невладини организации, досега загинале четири лица, а околу 300 се повредени.