Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо ги повика жителите на Венецуела утре да учествуваат на општи демонстрации, што се совпаѓа со неговото враќање во земјата.
Тој на „Твитер“ објави дека граѓаните треба да се соберат во 11 часот по локално време.
Гуаидо, исто така, напиша дека граѓаните на Венецуела треба да ги следат неговите официјални соопштенија во кои ќе објави детали за состаноците со поддржувачите.
Тој во саботата престојуваше во Еквадор, како дел од турнејата низ Јужна Америка, настојувајќи да го зголеми притисокот врз претседателот на Венецуела Николас Мадуро да поднесе оставка.
Според Гуаидо, Мадуро мора да поднесе оставка за да може Венецуела да се опорави од политичката и хуманитарната криза, од друга страна, Мадуро вели дека Гуаидо е дел од заговорот против неговата Влада.