Проруски сепаратисти во отцепениот регион во источниот дел на Украина, го блокираа пристапот до Гугл поради дезинформации, соопшти денеска нивниот лидер.
Денис Пушилин, лидерот на самопрогласената Народна Република Доњецк, во објава на Телеграм го обвини Гугл за промовирање насилство против сите Руси. Според него, вината е во раководители од американската Влада.
– Доколку Гугл престане да ја спроведува својата криминална политика и се врати на меинстрим законите, моралот и здравиот разум, нема да има никакви препреки за неговата работа, посочи Пушилин.
Како што пренесуваат медиуми, тој не покажа докази со што ќе ги потврди своите тврдења.
Засега, нема коментар од Гугл.
Од почетокот на инвазијата врз Украина, на 24 февруари, Русија и проруски сепаратисти во источниот дел на земјата, обвинуваат западни компании за ширење антируска пропаганда и заземање еднострана позиција за конфликтот.
Русија ги забрани Фејсбук и Инстаграм во март, откако суд ја прогласи Мета за виновна за екстремистички активности.
Москва веќе го ограничи пристапот до Фејсбук, затоа што на руските медиуми им е ограничен пристапот до платформата.
Народните Републики Доњецк и Луганск го следеа чекорот и ги блокираа Фејсбук и Инстаграм, поддржувајќи ја руската политика кон социјалните мрежи со седиште во САД.