Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска изјави дека е згрозен од експлозијата во болницата „Ал Ахли“ во Газа, во која загинаа стотици луѓе и нагласи дека најостро ја осудува таа акција.

Гутереш, говорејќи на церемонијата на отворањето на форумот „Појас и пат“ во Пекинг, рече дека ги осудува нападите на Хамас врз цивилите во Израел на 7 октомври, но нагласи дека овие напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ.

Хамас го обвини Израел за напад врз болница во Газа, во кој, палестинската милитантна група соопшти дека се убиени најмалку 500 луѓе, а стотици се ранети. Од друга страна, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека ракета истрелана од палестинската милитантна група Исламски џихад е одговорна за експлозијата. Оваа група негира вмешаност.  (МИА)