Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ги повика богатите земји да воведат дополнително оданочување за компаниите што профитираат од употребата на фосилни горива и да ги искористат тие пари за да им помогнат на земјите погодени од климатската криза и луѓето кои едвај се справуваат со зголемените цени на храната и енергијата.
Обраќајќи им се на светските лидери собрани на 77-тото Генерално собрание на ООН, генералниот секретар кој е и климатски активист, овојпат уште посилно ги нападна нафтените и гасните компании чии профити се зголемија за десетици милијарди долари.
„Индустријата за фосилни горива профитира од стотици милијарди долари субвенции и собира огромни профити, додека малите буџети на домаќинствата се намалуваат и нашата планета постепено гори“, рече тој.
Гутереш повторно ги повика развиените земји да воведат оданочување на добивката од производството на нафта и гас, но овој пат ја искористи говорницата за да ги советува како да ги трошат тие пари.
„Тие средства треба да се пренасочат на два начина – да се пренасочат кон земјите кои трпат загуби и штети предизвикани од климатските промени и климатската криза како резултат на тоа, како и кон луѓето кои се борат со постојано зголемување на цените на храната и енергијата“, рече тој пред светските лидери во Њујорк.
Гутереш истакна дека поради таа како што рече „гротескна алчност“ се казнуваат најсиромашните и најранливите групи луѓе, а „таа ни го уништува единствениот заеднички дом“.
„Затоа ги повикувам сите влади да оданочат прекумерна добивка и да ги искористат парите за поддршка на најранливите“, рече Гутереш.