Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека ерата на глобалното затоплување е завршена и дека започнала „ерата на глобално вриење“.

„Климатските промени се насекаде. Тоа е страшно. И ова е само почеток“, предупреди Гутереш.

Тој рече дека човештвото покренало деструкција, но дека тоа не смее да предизвика очај, туку да доведе до акција.

Гутереш смета дека се уште е можно да се ограничи зголемувањето на глобалната температура, но само со „драматични и моментални климатски мерки“.

„Можеме да го запреме најлошото, но за да го направиме тоа, годината на голема топлина треба да ја претвориме во година на горливи амбиции“, рече Гутереш.

Генералниот секретар на ОН ги повика компаниите за фосилни горива да се префрлат на обновливи извори на енергија.

Истовремено, тој повика да се прекине употребата на јаглен во процесот на производство на електрична енергија.  (МИА)