Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави денеска дека светот се соочува со сериозен проблем на одржливост на долгот на земјите, бидејќи кризата со коронавирусот не е правилно разбрана и разрешена, пишува денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
– Одговорот на кризата со Ковид-19 и финансиските аспекти на кризата е фрагментиран, а геополитичките поделби не помагаат, истакна Гутереш за „Фајненшл тајмс“.
Земјите, како што се Бразил и Јужноафриканска Република, многу се задолжени од домашните кредитори, а не од странски инвеститори, со каматни стапки многу повисоки од оние кои им се достапни на богатите земји, поради што, како што нагласува Гутереш, ризиците сега се помалку видливи отколку за време на претходната должничка криза на пазарите во развој.
– Тие всушност се задолжуваат на домашниот пазар, а роковите на доспевање се намалуваат. Ова е многу лош сигнал. Постои илузија на одржливост, но постои опасност од големи драматични изненадувања, особено ако закрепнувањето е побавно отколку што се очекуваше поради забавениот пристап до вакцини, истакна Гутереш.