Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди во видео порака за „застрашувачко глобално зголемување“ на семејното насилство во кризата со коронавирусот и ги повика владите да направат поголеми напори за да спречат насилство врз жените.
„Знаеме дека изолацијата и карантинот се неопходни за борба против Ковид-19. Но, тие можат да бидат стапица за жени со насилни партнери“, објави Гутереш на Твитер.
„Многу жени и девојчиња се изложени на најголем ризик каде треба да бидат најбезбедни. Во нивните домови“.
Во некои земји, двојно е зголемен бројот на жени кои повикуваат служби за поддршка, здравствените работници и полицијата се преоптоварени и не се доволни, а локалните групи за поддршка се „парализирани“ од недостаток на средства, нагласи шефот на ОН.
Тој ги повика владите ширум светот да обезбедат континуирано гонење на насилниците, да воспостават кризни системи во аптеките и продавниците и да ги прогласат засолништата за основна услуга.