Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо, кој се самопрогласи за в.д. претседател на државата, го предупреди претседателот Николас Мадуро дека ако се обиде да го киднапира или приведе, тоа ќе биде една од последните грешки.

– Ако се обидете да ме киднапирате тоа ќе биде несомнено една од последните грешки што ќе ги направите, нагласи Гваидо во порака до приврзаниците испратена преку социјални мрежи.

Во неа тој наведува дека застанал со сопругата Фабијана пред венецуелското знаме. Гваидо не кажа каде се наоѓа ниту како има намера да се врати во Венецуела.

Тој ја напушти тајно државата пред десетина дена бидејќи има забрана воведена од Врховниот суд. Пред 10 денови тој посети пет јужноамерикански држави – Колумбија, Бразил, Парагвај, Аргентина и Еквадор каде секогаш беше прифатен како претседател. Тој повика за големи демонстрации денеска во Венецуела.