Претседателот на Србија и неодамнешен лидер на Српската напредна странка (СНС) Александар Вучиќ донел одлука вонредните парламентарни избори да се одржат во декември, тврди за порталот Н1 извор близок до раководството на СНС, кој наведува дека тој информацијата за тоа ја доби еден ден пред проевропската опозицијата да изрази барање до крајот на годинава да се одржат нови парламентарни и избори за градот Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Раководството на СНС веќе има одржано средби со членови на повеќе локални партиски одбори на кои тема била подготовката за претстојните избори, изјавил неименуваниот извор на Н1, пренесуваат и други српски медиуми.

Според неговите зборови, во владејачката СНС во моментов се вршат независни испитувања на јавното мислење за тоа како стои партијата на национално, но и на локално ниво.

-Не е исклучено во истиот период да се одржат и локални избори во одредени градови и општини за кои СНС проценува дека ќе победи, а можеби и во сите. За ова ќе се одлучува во наредните денови, бидејќи има уште доволно време за запазување на законските рокови за одржување на вонредни локални избори до крајот на годината, додаде соговорникот на порталот Н1.

Денес проевропската опозиција по осумнаесетте протести на Србија против насилството и по одржаниот состанок, на прес-конференција во собранието побара од властите одржување на итни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година. Тие најавија блокада на седниците на собранието до добивање одговор од властите и најавија нов протест „Србија против насилството“ во петок, до ТВ Пинк.

На барањата и блокадата на проевропската опозиција се придружи и десницата, изјави лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ.

Претседателот на собранието Владимир Орлиќ на прес-конференција и одговори на проевропскиот дел од опозицијата дека „со ентузијазам ја прифаќа иницијативата за распишување вонредни парламентарни и белградски избори, дека за тоа барање ќе ги извести надлежните органи – Владата на Србија, претседателот и да ќе добијат одговор во најкраток можен рок, можеби за 30 дена“.