Лидерот на бандите на Хаити, Џими Шеризие, познат под псевдонимот Скара, вчера предупреди дека ќе продолжи да се обидува да го собори премиерот Ариел Анри и побара од семејствата да им забранат на децата да одат на училиште за да се избегне „колатерална штета“, додека насилството расте во делови од главниот град.

Силни пукотници и прекини во сообраќајот се регистрирани во некои делови на главниот град Порт-о-Пренс, каде што повеќе луѓе ги напуштија своите домови.

-Битката ќе трае колку што е потребно. Ќе продолжиме да се бориме против Ариел Анри. За да избегнете колатерални жртви, чувајте ги децата дома, изјави Шеризие на прес-конференција.

Шеризие е поранешен полицаец кој се наоѓа на чело на сојуз од банди и ја наруши состојбата во земјата кога во 2022 година го блокираше нејзиниот најголем нафтен терминал. Тој се соочи со санкции од Обединетите нации и Министерството за финансии на САД.

Синоќа пристигнаа извештаи дека вооружени лица се обиделе да ја преземат контролата врз главното контејнерско пристаниште во главниот град, додека бандите се заканувале дека ќе ги нападнат новите полициски станици во градот. Британските медиуми не можеше веднаш да ги потврди овие извештаи.

Кабинетот на премиерот Анри соопшти дека е „огорчен од актите на насилство и терор оркестрирани од вооружените бандити“ и изрази сочувство до семејствата на жртвите, велејќи дека владата ќе продолжи да работи на решавање на конфликтот.

Обединетите нации проценуваат дека околу 300.000 жители на Хаити досега ги напуштиле своите домови.

фото:ЕПА