Германските претставници планираат да додадат нова динамика во примената на мировниот договор од Минск за регулирање на ситуацијата во источниот дел на Украина, а доколку договорот биде испочитуван, ќе мора да зборуваат и за прашањето за укинување на санкциите за Русија, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
– Сакаме да додадеме нова динамика во процесот од Минск. Јас сум претпазлив оптимист во поглед на мировната мисија на ОН, изјави Мас во интервјуто за германскиот неделник „Велт ам Зонтаг“.
Тој додаде дека, ако можат да го имплементираат договорот од Минск, тогаш ќе можат и да дискутираат за укинувањето на санкциите, напоменувајќи дека германската Влада не отстапува од нејзината позиција во однос на прашањето за Крим и дека нема намера да го признае како руска територија.
– Ако го признаеме Крим како руска територија, тогаш тоа ќе послужи како повик за другите да дејствуваат против меѓународните права, поради што одлуката на Европската унија за продолжувањето на санкциите за Русија, што беше донесена пред летната пауза, се покажа како соодветна, истакна Мас, потенцирајќи дека одлуката била едногласна.
Тој оцени дека тој пример покажува колку сериозно ЕУ се држи до своите вредности.