Романската тенисерка Симона Халеп предвреме ја заврши сезоната, откако по направените детални испитување било утврдено дека има дискус хернија.
Актуелната најдобра тенисерка во светот поради повреда на грбот го предаде мечот од првото коло на турнирот во Пекинг и ќе мора да паузира одреден период.
– Направив магнетна резонанца на грбот и имам дискус хернија. Во следните неколку дена ќе се консултирам со лекарите и се надевам дека ќе се вратам на терените наскоро. Ќе бидете дополнително информирани и благодарам на досегашната поддршка, соопшти Халеп.
Романката сезонава освои три трофеи и заедно со Наоми Осака и Анџелика Кербер обезбеди место на завршниот турнир во Сингапур, но поради повредата нема да учествува на него.
Турнирот во Сингапур започнува на 22 октомври.