Главен услов на Хамас за разговори за размена на заробеници со Израел останува целосен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на тоа палестинско движење, Валид Килани, додавајќи дека групата сè уште не го добила предлогот на Израел за двемесечен прекин на огнот во палестинската енклава.
„Главниот услов не е привремен, туку траен прекин на огнот. Дури потоа ќе се разговара за други прашања, како што е размената на затвореници и продолжувањето на хуманитарната помош“, изјави Килани за агенцијата „Анадолија“.
Тој додаде дека лидерите на Хамас го виделе новиот израелски предлог во медиумите, но дека не го добиле официјално.
Порталот „Аксиос“ претходно денеска објави дека Израел преку катарски и египетски посредници претставил предлог за прекин на воената офанзива против Хамас на два месеца во замена за постепено ослободување на преостанатите 136 заложници во Газа.
Предлогот не го прифаќа барањето на Хамас, Израел целосно да ја прекине војната, но оди чекор подалеку од она што Израел го направи во претходните понуди, објави американската веб-страница цитирајќи двајца израелски претставници.
Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на загинатите заложници во неколку фази.
Израелските власти рекоа дека чекаат одговор од Хамас, но истакнаа дека се внимателни оптимисти за можноста за напредок во наредните денови.