Луис Хамилтон ќе стартува од пол-позиција на утрешната ГН на Белгија, Британецот најдобро се снајде на влажната патека откако имаше краток дожд пред последниот дел од квалификациите.
Слично како и на претходната трка во Унгарија, среќата повторно им се насмевна на Луис Хамилтон и Мерцедес. Ферари за нијанса беше побрз цел викенд, Себастијан Фетел и Кими Раиконен ги имаа најбрзите времиња во првите два дела од квалификациите, но пред стартот на третата последна сесија имаше краток дожд.
На влажната патека која се сушеше најдобро се снајде Луис Хамилтон, кој со време од 1:58.179 стигна до пол-позиција пред Себастијан Фетел. Последното место на пиедесталот му припадна на Естебан Окон, кој одлично се покажа во мешаницата па патеката во последните минути. Друштво во вториот ред ќе му прави тимскиот колега Серхио Перез.
Роман Грожан ќе стартува како петти, а Кими Раиконен, кој во последните мигови не беше на патеката, ќе стартува како шести. Потоа следува двоецот на Ред Бул, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо, додека Кевин Магнусен беше девети.
Валтери Ботас не постави време, Финецот очигледно не сакаше ништо да ризикува бидејќи и онака ќе стартува како последен поради големиот број на промени на неговиот болид.