Пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон триумфираше на патеката „Хунгароринг“ во Унгарија и ја освои последната трка пред едномесечната пауза во Формула 1.
Светскиот шампион стартуваше од првата позиција и со прецизна до последниот милиметар стратегија од Мерцедес, тој запиша победа на Гран при на Унгарија. Втор заврши Себастијан Фетел, кој водеше до последно битка со Валтери Ботас за втората позиција, но при претекнување останаа прашалници околу чесноста на освојувањето на позицијата за Фетел. При свиокот, Германецот го затвори финскиот ривал и Стјуардите сигурно ќе ја разгледаат оваа ситуација.
Трет заврши Кими Раиконен со второто Ферари. Популарниот „Ајсмен“ стартуваше од третата позиција, но имаше размена уште на стартот помеѓу него и Фетел и до самиот крај Кими беше брз на трасата, а по инцидентот меѓу Фетел и Ботас, тој си ја врати третата позиција во трката.
Многу добра трка имаше и Даниел Рикиардо, откако пилотот на Ред Бул тргна од 12-то место, но заврши на четвртата позиција. Австралиецот презеде напад против Ботас во самиот крај на трката, бидејќи Финецот имаше оштетувања во автомобилот по ударот со Фетел, но при првиот свиок по стартно-целната рамнина, Ботас се удри во Рикиардо. За среќа на двајцата тие ја продолжија трката и од Мерцедес наредија на пилотот да ја врати позицијата на својот конкурент, по што Ботас финишираше петти.
Сепак, неговите дејствија на патеката во последните кругови, при двата инцидента со Фетел и Рикардо, ќе бидат под истрага на Стјуардите и Финецот најверојатно ќе загуби уште места во крајниот пласман.
Луис Хамилтон сега има 213 бодови предност во генералниот пласман и води со 24 поени пред вториот Себастијан Фетел пред летната пауза во Формула 1. Следната трка во карванот е на 26 август во Белгија.