Патниците од Велика Британија за Франција денеска со часови чекаат во редици за да го минат каналот Ла Манш, пренесоа западните медиуми.
Управата на Заливот Довер во Англија соопшти дека доцнењата се предизвикани од лошите временски услови, густиот сообраќај, како и долгите гранични процедури на француските власти при влез во оваа земја.
Управата за Заливот Довер ги информираше патниците кои сакаат да го преминат Каналот со траект дека ќе има „сериозни доцнења“ и соопшти дека е „длабоко фрустрирана“ од новонастанатата ситуација, пренесоа американските медиуми.
Управата на овој англиски залив, од каде тргнуваат фериботите за францускиот пристанишен град Кале, тврди дека најмногу доцни автобускиот превоз, но снимките од локалните медиуми покажуваат и долги колони автомобили и камиони.
Денеска почнува двонеделниот одмор во повеќето училишта во Велика Британија.
Доцнењата во транспортот преку Ла Манш станаа вообичаена појава откако Велика Британија истапи од Европската унија, наведуваат американските медиуми.