Гостинскиот триумф на Торонто над Бруклин од 123:117 остана синоќа во сенка на хаосот што се случуваше вон и на теренот, откако кошаркарот на „Нетси“ Кевин Дурант се најде под посебен надзор поради анти-Ковид протоколот.
Како што јавија американските медиуми, на целиот хаос претходел контакт на Дурант со лице кое пред натпреварот добило неуверлив резултат на тестот на коронавирус.
Поради тоа, на кошаркарот на „Нетси“ не му беше дозволено да му се приклучи на тимот, но по долго натегање раководството на НБА лигата ја смени одлуката и Дурант доби дозвола да го одигра натпреварот.
Ѕвездата на Бруклин мина 20 минути на паркетот и постигна осум поени пред да стигне веста дека тестот, на лицето со кое бил во контакт, сепак, е позитивен, по што Дурант беше изнесен надвор од теренот и крајот на мечот до дочека во соблекувалната.
Раководството на НБА лигата, во меѓувреме, му изрече забрана на Дурант да биде со екипата на следното гостување на Бруклин против Филаделфија.
Дурант, кој неодамна се излечи од коронавирус, своето незадоволство го изрази преку социјалните мрежи, испраќајќи кратка порака до челните луѓе на НБА лигата: „Ослободете ме“.