Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај вели дека приоритет на неговата земја е спроведувањето на Договорот за стабилизацја и асоцијација (ДСА) со Еврпската унија (ЕУ) и воопшто нема потреба од создавање на некаков балкански „мини-Шенген“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи ја денешната средба во Тирана на премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев и претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, Харадинај рече дека Косово е заинтересирано за „Шенген со главен град Брисел“, а не за „мини-Шенген со главен град (центар) Србија“.
– Сите земји од Западен Балкан, значи шест колку што останаа без да се зачленат во ЕУ, имаме договори со ЕУ. Косово го има ДСА и треба да се фокусираме на него. Тоа значи дека немаме потреба од некаков мини-Шенген со Србија како главен град, или Србија како лидер на нашиот мини-Шенген. Заинтересирани сме за Шенген, во случајов со главен град Брисел, значи за ЕУ. Косово е евроатлантска земја и тоа е нашата перспектива, изјави Харадинај.
Според него, единствена цел на иницијативата за создавање на зона за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите од регионот, е укинување на таксата од 100 осто што Приштина ја воведе на увозот на српски производи кон крајот на минатата година и која е се уште во сила.
– Може да се види дека сево ова се прави за да ни ја укинат таксата која ја воведовме. Целиот проект на мини-Шенгенот има една единствена цел: да се укине таксата. Значи и нервозите кои ги имаат последниве денови (Рама и Вучиќ) доаѓаат токму поради тоа што им паѓаат во вода таквите планови, изјави Харадинај.
Тој порача дека се додека Србија продолжи да не ја признава косовската држава и да ги негира злосторствата врз албанското население во последната војна, Косово нема да учествува во иницијативи како што е оваа за „мини-Шенгенот“.
– Со начинот на кој се однесува Србија, негирајќи ги и воените злосторства, Косово ќе игнорира секое вакво организирање и ќе им каже на сите: аирлија работа, но без нас!, порача Харадинај.
Одоговарајќи на неодамнешната изјава на Рама дека Косово остана без визна либерализација затоа што Харадинај не го послуша барањето на францускиот претседател Емануел Макрон за времено супсендирање на таксата кон Србија и Босна и Херцеговина, вршителот на должност косовски премиер рече дека Рама може да покаже дека му сака добро на народот на Косово, со тоа што ќе ја укине патарината на „Автопатот на нацијата“, кој ги поврзува Косово со внатрешноста на Албанија.
– Ако на Рама му е жал за Косовците, тогаш нека ја укине таксата кај Кукеш (град во источна Албанија, на границата со Косово). Тогаш ќе му веруваме и за другите работи, изјави Харадинај.
Коментарите на денешната средба во Тирана Харадинај ги даде, одговарајќи на новинарски прашања на свеченото пуштање во употреба на фабрика за хартиени чаши во селото Бардош во близина на Приштина.