Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вели дека се согласува оти во преговорите со Србија треба да се постигне договор за меѓусебно признавање, но дека Косово нема да прифати промена на границата и поделба на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната седница на Владата, Харадинај изјави пред новинарите дека „отворањео на прашањето на границите е агенда на Русија и на рускиот претседател (Владимир) Путин за да се држи отворено балканското прашање“.
– Отворањето на прашањето на границите не е едноставна тема, туку значи отворање на кризи и трагедии, изјави Харадинај.
Тој го повтори ставот на неговата Влада дека дијалогот со Белград треба да продолжи, но таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина нема да се укине „се додека не се најде на маса договорот за меѓусебно признавање“.
– Важно е дијалогот да продолжи. Што се однесува до таксата, нема некоја промена, го знаете мојот став. Се надевам дека што поскоро ќе дојде денот таа да се укине, изјави Харадинај.
Барањата на меѓународниот фактор за укинување на таксата, според косовскиот премиер, се неприфатливи, затоа што не земаат предвид одредени специфичности.
– Има два момента кои недостасуваат во барањето: спогодбата за тоа што ќе се договорат Косово и Србија, како и временскиот аспект. Србија му нанесува штети на Косово. Ние сме за да се вратиме на дијалогот, сме за реципрочен договор Косово-Србија, но не за договор кој ќе се заснова на прашањето на границите и територијата, затоа што тоа значи отворање на кризи и трагедии, изјави Харадинај.