Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека евентуалното отворање на преговори за размена на територии меѓу Косово и Србија воедно ќе го отвори албанското прашање на Балканот, но оти е подобро тоа да не се прави, јави дописникот на МИА од Приштина.
На академијата во спомен на 20-годишнината од битката во Жеговац и педесеттемина загинати борци на бригадата „Кадри Зека“ на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Харадинај нагласи дека на косовско – српските преговори што се водат во Брисел со посредство на Европската унија „не смее да се прифати да се разговара за границите на Косово“.
– Нема да прифатиме да ни се негира правото на држава. Нема како да се формира Косово на маса, погрешни се изјавите на европските челници дека може да се преговара за косовската територија. Ако се подготвени да го отворат тоа прашање – ајде да го отвориме! Не смее да се прифати да се зборува за границите на Косово на ниедна маса, порача Харадинај.