Новиот руски амбасадор во Србија Александар Боцан-Харченко, изјави денеска дека неодамнешните изјави на кандидатот за американски амбасадор во Србија, Ентони Годфри „за малигното влијание на Москва во Европа“ се дел од вообичаената реторика на Вашингтон и „измислица“ во стремежот за глобална доминација.
Тој оцени дека главна задача на САД во Србија е „мешање во внатрешната политика.“
Како што јави МИА од Белград, Александар Боцан-Харченко изјави за „Вечерње новости“ дека Вашингтон „не штеди сили во несмасната идеолошка борба и отвореното пропагандистичко однесување, не грижејќи се повеќе за какви било аргументи во прилог на своите измислици“.
Рускиот амбасадор истакна дека Москва принципиелно не ја прифаќа логиката на „спротивставување“ и „натпревар“, која со ваквите коментари ја наметнува американската страна.
-Да потенцираме дека нашата визија за ситуацијата во Европа, вклучително и ситуацијата на Балканот, се заснова на принципот на единствен безбедносен, економски, културен простор без поделби. Сигурни сме дека конструктивната, заемно корисна соработка на сите планови придонесува за регионалната стабилност, одговара на интересите како на нашите земји, така и на целиот европски континент. Се надеваме дека ова еднаш ќе стане очигледно и за Вашингтон, кажа Харченко.
Боцан-Харченко смета и дека зачудува фактот што меѓу главните задачи на САД во Србија се и оние што се однесуваат исклучиво на внатрешните работи на Србија.
-Тоа е директно мешање во овие работи. Сепак, приоритетната задача како што е активирање на работата на Специјалниот трибунал за воени злосторства на ОВК воопшто не се споменува, додаде рускиот амбасадор.
Новоназначениот американски амбасадор во Србија, Ентони Годфри, пред американскиот Сенат кажа дека после дипломатската служба во Москва, тој е „целосно свесен за агресивното однесување на Русија, малигното влијание и кампањата на дезинформација што ја води во Европа“ и дека САД вложуваат големи напори да се спротивстават на тоа.