Американскиот министер за војна, Пит Хегсет, денеска упати ултимативно предупредување до Техеран дека САД се подготвени со сила да го одземат иранскиот збогатен ураниум доколку тој не биде доброволно предаден, нагласувајќи дека по 38 дена воени операции, иранската судбина сега е во рацете на Вашингтон.

На заедничката прес-конференција со началникот на Генералштабот на американската армија, Ден Кејн, Хегсет потврди дека Ормуската Теснина е повторно отворена за сообраќај, откако претседателот Доналд Трамп ја повлече заканата за масовни напади по одлуката на Иран да ја прекине блокадата. Хегсет истакна дека иако е прогласено примирје, американската војска останува на Блискиот Исток за да гарантира дека Техеран ќе ги почитува преземените обврски.

Тој посочи дека Ормуска Теснина е отворена и дека американските сили ќе останат на Блискиот Исток за да обезбедат почитување на примирјето, кое, според него, претставува само „пауза“ во конфликтот.

Кејн нагласи дека американските сили ги постигнале воените цели во Иран, вклучително уништување на балистички ракети, дронови, делови од морнарицата и воено-индустрискиот комплекс.

– Погодивме повеќе од 13.000 мети во Иран, вклучувајќи и 4.000 подвижни цели. Уништени се 80 отсто од иранските одбранбени системи, над 450 складишта за балистички ракети и 800 складишта за дронови. Примирјето е само пауза, а нашите сили се подготвени да ги продолжат борбените операции со истата прецизност во секој момент доколку пропадне договорот – изјави Кејн.

Хегсет оцени дека САД постигнале „одлучувачка воена победа“ и дека иранската ракетна програма е уништена, тврдејќи дека притисокот го принудил Техеран да се врати на преговарачката маса. Тој посочи дека американските напади опфатиле и стратешки енергетски цели, вклучително и островот Харк, клучен за извозот на иранска нафта.

Според него, способноста на Иран да произведува и извезува енергија била под контрола на САД и на претседателот Доналд Трамп, кој, како што рече, можел брзо да ја уништи иранската економија, но се одлучил за поумерен пристап.

Хегсет додаде дека САД можат целосно да го блокираат иранскиот енергетски сектор и да ги гаѓаат тие цели без ограничувања, оценувајќи дека Иран претрпел сериозен политички и психолошки удар.

Според Хегсет, Иран претрпел „историски и понижувачки пораз“ и повеќе нема капацитет да гради ракети или беспилотни летала.

Тој упати порака и до, како што рече, „таканаречените сојузници“, нагласувајќи дека тие можеле да видат „како изгледа вистинската воена моќ на САД“.

Од друга страна, иранскиот Врховен совет за национална безбедност соопшти дека земјата извојувала „историска победа“ во, како што наведе, „неправедната и криминална војна“. Тие тврдат дека американската „агресија“ доживеала неуспех, иако потврдија дека влегуваат во преговори со длабока недоверба кон Вашингтон.