Македонскиот ракометен репрезентативец и капитен на Вардар, Стојанче Стоилов е заразен од коронавирус, откри тренерот на црвено-црните Стевче Алушовски, четири дена пред дуелот со Нексе во четвртфиналето во СЕХА-лигата.
Новиот вирус се појави во таборот на двојниот европски првак и шампион во регионалното натпреварување, па Алушовски обелодени дека капитенот на црвено-црните е заразениот, што е голем хендикеп за мечот со Нексе, зашто Стоилов е многу важна алка во нападот на тимот.
– Стоилов ќе ни недостига многу, зашто е важна алка во нападот, а тој дел од екипата засега ни е најслаб, вели Алушовски.
Вардарци ги очекуваат резултатите од тестирањето после појавата на коронавирус и се надеваат дека сите останати играчи се негативни за да ги продолжат подготовките за пресметката преку која посакуваат фајнлфор и шанса да го бранат трофејот во Задар на завршниот турнир закажан за идната недела.
– Се надевам дека сите ќе бидеме здрави, ги чекаме резултатите. Прво тоа, па сѐ друго, додава Алушовски.