Примерок од првото издание на книгата „Хари Потер и каменот на филозофот“, од Џ.К. Роулинг, достигна 471.000 долари на аукција вчера. Тоа е највисоката цена некогаш платена за првата приказна за момчето волшебник, во која било форма, соопшти аукциската куќа „Херитиџ“.
– И не само што е најскапата книга за Хари Потер некогаш продадена, таа е и најскапото комерцијално објавено дело – белетристика од 20 век продадено досега, рече извршниот потпретседател на „Херитиџ окшнс“, Џо Мадалена.
Биле испечатени само 500 примероци од книгата со тврда корица, а повеќето од нив завршија во јавните библиотеки.
– Неколкуте примероци што се појавија на наддавања се вброија меѓу најпосакуваните наслови од модерната литература, а уште два беа продадени 2021 година за повеќе од 138.000 долари, рече Мадалена.
„Хари Потер и каменот на филозофот“ беше оживеана на големото платно пред две десетлетија, а овој резултат ја покажува моќта на комбинацијата на книга и филм. Меѓу другите ретки книги на наддавањето се првите изданија на сите седум наслови на „Хрониките на Нарнија“ на К.С. Луис.