Лидерот на либанскиот Хезболах, шеикот Хасан Насрала денеска предупреди дека ниедно место во Израел нема да биде поштедено од нивните проектили доколку израелските лидери го нападнат Либан.

Хасан Насрала се закани и на Кипар.

„Отворањето на кипарските аеродроми и бази за израелскиот непријател за цел на Либан би значело дека кипарската влада е учесник во војната“, предупреди тој во говорот емитуван во живо на телевизија.

„(Израелскиот) непријател одлично знае дека сме подготвени за најлошото (…) Тој знае дека ниедно место (…) нема да биде поштедено од нашите проектили“, рече Насрала.

Израелската армија вчера објави дека одобрила планови за офанзива на Либан поради интензивирањето на прекуграничните судири со Хезболах во контекст на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Лидерот на Хезболах рече дека во случај на војна, Израел „треба да ги очекува од копно, море и воздух“.

Тој рече дека Хезболах има повеќе од 100.000 луѓе подготвени да се борат. Хезболах е финансиран од Иран, заколнатиот непријател на Израел.

Во повеќе од осум месеци насилство меѓу Хезболах и израелската армија во пограничните области во Либан, загинаа најмалку 478 лица, главно борци на Хезболах и 93 цивили, според АФП. На израелска страна според израелските податоци загинале најмалку 15 војници и 11 цивили.