Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека повлекувањето на војниците од административната линија и апсењето на Милан Радоичиќ се добар чекор и дека во интерес на Вашингтон е да се најде политичко решение за ситуацијата.
„Нема сомнеж дека имаше повлекување на помал дел од војниците и дека во таа смисла работите се движат во добра насока. Можам да кажам и дека имаме потврда за намалениот број војници. Проблемот овде не е воен, туку всушност политичи“, рече Хил во интервју за Танјуг.
Тој додаде дека зголеменото присуство на војници долж административната линија со Косово предизвикува загриженост и дека САД побарале од српското раководство да ги повлече војниците.
„Многу ни е драго што можеме да кажеме дека тоа се случи“, рече американскиот амбасадор.
Зборувајќи за настаните во Бањска на 24 септември, Хил рече дека ЕУ и САД сакаат да знаат што точно се случило тогаш.
„Мислам дека апсењето на Радоичиќ, кој се чини дека ја призна вината за повеќето работи што се случија, беше добар чекор. Сепак, мислам дека сите сакаме да знаеме за што всушност се работи, што сакале да постигнат, каде го добиле сето тоа оружје и муниција“, рече американскиот дипломат, додавајќи дека разговорот за вистинските проблеми зависи „од јасен увид во тоа што всушност овие луѓе заедно со господинот Радоичиќ се обидувале да направат и што сакале да постигнат“.
Коментирајќи го фактот дека 11 отсто од Србите го напуштиле Косово откако Албин Курти дојде на власт, Хил наведува дека овие бројки се вознемирувачки.
„Мислам дека тоа зборува во прилог на фактот дека ни треба политичко решение. Апсолутно е јасно дека нема воено решение за овој проблем. Ни треба политичко решение, ни треба решение кое ќе направи српската заедница да се чувствува како да знаат што ги чека во иднина“, рече американскиот амбасадор.
Тој додаде дека Србите на Косово мора да знаат што можат да очекуваат од животот на Косово и дека е неопходно да се формира Заедница на српски општини, а Приштина, пак, очекува можност да се приклучи на разни безбедносни и економски меѓународни организации.
„Мислам дека ги има токму тие елементи на масата што припаѓаат таму и знам дека е тешко да се фокусираме на нив, особено кога ја видовме кризата во последните неколку дена, но кризата не значи дека можете да го игнорирате она што треба да се направи, а тоа е да се постигне политичко решение“, нагласи Хил.
Тој посочи дека во интерес на САД е да продолжат да изнаоѓаат политичко решение „засновано на јасни елементи кои се дел од договорот што беше постигнат пред пет, шест месеци“.
„Сакаме да го видиме формирањето на ЗСО. Праведно е да се каже дека господинот Курти не е ентузијаст за тоа, но мислам дека тој разбира дека тоа е еден од клучните елементи на масата, исто како што треба да продолжиме со интернационализацијата, што подразбира можност Косово да се приклучи на различни меѓународни организации. Тоа не се лесни чекори за српската страна, но тоа е дел од севкупниот договор“, рече Хил.
Тој додаде дека на сите им треба смирување на тензиите и разбирање дека наскоро Србите и Албанците на Косово ќе треба да најдат начин да живеат како соседи.
„Овие видови кризи мора да бидат заменети со политички процес што ќе ги натера сите да се чувствуваат удобно, за кога ќе се разбудат наутро да не мора да се грижат за безбедносните проблеми. Наша цел е да го сториме тоа“, рече Хил.
На прашањето за иднината на дијалогот меѓу Белград и Приштина и договорот од Брисел и Охрид, американскиот амбасадор посочува дека, „колку и да е тежок дијалогот за учесниците, мораме да продолжиме“.
„Што се однесува до улогата на САД, ние сме многу посветени на дијалогот, секојдневно сме во контакт со сите страни, Србија, претставниците од Приштина, но особено со нашите партнери од Европската Унија. Мислам дека сите во Балканот треба да разберат дека Америка и Европската Унија имаат многу работи што треба да ги направат заедно и ќе ги направиме заедно. Значи, нема да бидеме поделени за работи како Косово, ќе бидеме обединети. Мислам дека ќе се вратиме на процесот на дијалог и г-дин Лајчак, кој понесе тежок товар во тоа, очигледно ќе мора да продолжи да го прави тоа извесно време“, рече Хил.
Тој додаде дека САД се апсолутно посветени на успехот на процесот на дијалог, бидејќи веруваат дека тоа е единствениот начин да се оди напред, објави српски Телеграф.