Во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид денеска ќе биде извршена епископска хиротомија на архимандритот Георгиј и негово устоличување на тронот на Дебарско-кичевската епархија.
Со тоа тој и официјално станува митрополит на Дебарско-кичевската епархија, место што беше успазнето со упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.
На храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник вчера беше спроведено Наречение на архијерејот Дебарско-кичевски, архимандритот Георгиј, на свечена церемонија во присуство на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и владиците од целата земја.
Пред свештенството и собраните верници се читаше одлуката на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архипескопија за изборот на архимандритот г. Георги за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што архимандритот Георгиј ја прифати.
Инаку, Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек откако минатата година во ноември по кусо боледување на 73 години почина тогашниот митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Отец Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Отец Георгиј, поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Митрополитот Георгиј е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Папскиот универзитет „Грегоријана“. Има богато академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти на Светото писмо.
Фото: МИА