Џејмс Харден забележа 41 поен, а Ерик Гордон додаде 30 за победата на Хјустон Рокетс со 126:121 по продолжение над Голден Стејт. Со успехот „ракетите“ го намалија заостатокот на 1:2 во победи во полуфиналната серија во Западната конференција на НБА.

Харден го одигра најсилниот натпревар од почетокот на серијата, и покрај континуираните проблеми со левото око. Бекот на домаќините реализира серија на важни кошеви во последната четвртина и најмногу во продолжението, за да ја врати интригата во полуфиналето.

Хјустон одигра многу силнопрвополувреме и на паузата домаќините водеа со 9 поени (58:49).

Кевин Дурант, кој имаше само 12 поени до паузата, се разигра во второто полувреме. Крилото ја заврши средбата со 46 поени и сам го држеше својот тим во натпреварот поради проблемите кои ги имаа Стеф Кари и Клеј Томпсон при шутот од игра. Кари заврши со 17 поени при погодени со 7 од 23 упатен удар, додека Томпсон остана со 16 поени.

Гостите беа поблиску до успехот при крајот на регуларното време кога Андре Игудала постигна тројка за 112:110 на 46 секунди пред крајот, но Џејмс Харден израмни со две прецизни слободни фрлања.

Потоа, Дурант можеше да донесе победа, но промаши и играта продолжи уште пет минути. Во нив, Харден беше над сите, реализирајќи 7 од 14 поени за неговиот тим.

Освен Харден и Гордон, многу добар натпревар за победниците забележа и плејмејкерот Крис Пол, кој заврши со 14 поени, 8 скока и 7 асистенции. Клинт Капела додаде 13 поени и 10 скока, а Јан Шумперт помогна со 10 поени од клупата.

За гостите од Голден Стејт, Дрејмонд Грин заврши со „трипл-дабл“ од 19 поени, 11 скока и 10 асистенции, а Игудала постигна уште 16 поени. Проблем за „воинте“, сепак, беше слабата реализација на играчите од клупата, кои дадоа само 7 поени.

Четвртиот меч од серијата е повторно во Хјустон во вторник рано наутро по македонско време.