Арсенал е многу далеку од Вилфред Заха, објави менаџерот на Кристал Палас, Рој Хоџсон.
Се верува дека „топџиите“ имаат направено предлог од 40 милиони фунти за играчот што сепак веднаш е одбиен, откако „орлите“ го проценуваат два пати повисоко.
– Не мислам дека Арсенал има направено предлог што дури и да се приближува до нашата оценка за играчот. Сигурен сум дека самиот Заха разбира дека ако некој го купи од нас, треба да ја покрие неговата пазарна оценка. Додека тоа не се случи, нема смисла дури да зборуваме за иднината на Вилф, рече Хоџсон по победата над Барнет со 6: 2 во контролна.
Палас го продаде порано во текот на летото дефанзивецот Арон Ван-Бисака на Манчестер Јунајтед за 50 милиони фунти и логично во позадина на оваа сума, цената на Заха треба да е доста повисока.
– Ние сакавме Арон да остане, но кога клуб како Манчестер Јунајтед го побара и е подготвен да го плати она што ние сметаме дека треба да го добиеме, можеме да му посакаме само се најдобро. Во моментов имаме големи проблеми во одбраната, но се надевам дека ќе ги решиме, додаде Хоџсон