Холандската Влада соопшти дека ќе ја изведе Русија пред лицето на правдата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) „за нејзината улога во соборување на авионот на „Малезија ерлајнс“ над Украина во 2014 година, јави дописникот на МИА.
– Да им се даде правда на 298 жртви од експлозијата при летот на МХ17 е и ќе остане најголем приоритет на Владата. Со преземањето на овој чекор денеска… се приближуваме кон оваа цел, изјави холандскиот министер за надворешни работи Штеф Блок.
Според него оваа одлука има за цел да им понуди „максимална поддршка“ на роднините на жртвите.
Во ноември 2018 година, роднините на 65 холандски државјани кои загинаа во експлозијата на авионот, поведоа постапка против Русија пред ЕСЧП, барајќи од Москва да ја „признае одговорноста“ за катастрофата. „Боингот 777“ на „Малезија ерлајнс“, кој полета од Амстердам за Куала Лумпур на 17 јули 2014 година, беше соборен од страна на ракета од типот „Бук“ од советска изработка на територијата каде имаше на вооружен судир меѓу проруските сепратисти и украинските сили на истокот од Украина. Притоа загинаа 298 патници од кои 196 Холанѓани.
Холандија отворено ја обвини Русија за смртта на нејзините државјани. Москва, од своја страна, секогаш жестоко негираше било каква вмешаност во несреќата и го обвини Киев. Холандската Влада во декември 2018 година предупреди дека планира да преземе правни мерки против Русија во овој случај, бидејќи разговорите меѓу двете земји се во ќор-сокак.
Холандија продолжува да им „придава важност на продолжувањето на средбите со Русија“, со цел да се најде решение кое ќе им даде правда за огромните страдања и штети предизвикани“ од трагедијата, соопшти холандското Министерство за правда.
Во март годинава во Холандија почна судењето на четворица осомничени, тројца Руси и еден Украинец, обвинети за предизвикување на несреќата.